• сабота, 23 ноември 2024

Почнува тридневната расправа за ребалансот на Буџетот

Почнува тридневната расправа за ребалансот на Буџетот

Скопје, 12 август 2024 (МИА) - Во Собранието денеска започнува тридневната расправа за ребалансот на Буџетот за 2024 година. Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2024 година, во второ читање, е седма точка од дневниот ред на 12. собраниска седница. 

Согласно Деловникот на Собранието, претресот по предлогот за изменување и дополнување на Буџетот, односно по дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот на седница на Собрание трае најмногу три дена. Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на Владата може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно. 

Ребалансот ги помина општиот претрес и амандманската расправа во Комисијата за финансирање и Буџет во која беа усвоени два амандмани, по што Владата на 6 август, го донесе и дополнетиот ребаланс на Буџетот со кој, како што соопшти, се обезбедуваат плус средства - за плати и за набавка на опрема за повеќе институции.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска викендов во интервју за Националната телевизија изјави дека со ребалансот на Буџетот се обезбедени пари за сите обврски коишто се согласно закон и тие ќе се сервисираат.

-Голем притисок којшто се прави врз Буџетот доаѓа од исплатата на гаранциите, односно кредити за одредени јавни претпријатија коишто не се во состојба да ги вратат, потенцира Димитриеска-Кочоска. 

Во ребалансот, како што вели таа, е испланирано да се исплати се она што е согласно закон и законски измени.

-Предвидени се средства и за доспеаните обврски, коишто иако биле доспеани не биле воопшто евидентирани во ЕСПЕО системот на Министерството за финансии. При тоа даваме приоритет на сервисирањето на она што е сигурно за плаќање согласно закон. На дел од доспеаните обврски се прави ревизија по што ќе се направат исплати согласно утврдените анализи. Во фаза сме кога може да трошиме толку колку што ќе наплатиме со цел да не креираме дополнителен буџетски дефицит, којшто е веќе зголемен за 181 милион евра, рече министерката.

Таа додаде дека сериозна тежина претставуваат исплатите на гаранциите кое влијае на реализацијата на инвестиции.

- Станува збор за сериозна тежина којашто се прави врз Буџетот од исплатата на гаранциите, затоа што поради корупција и криминал некои претпријатија се уништени и сето тоа паѓа на товар на државата. И наместо да обезбедиме 100 милиони евра за инвестиции во здравство, образование и слично, ние враќаме гаранции, односно кредити на јавните претпријатија коишто не се во состојба да ги вратат. На пример само за ЈПДП годинава сервисираме 90 милиони евра. Ако до минатата година ова претпријатие било во состојба да плати една рата во годината, сега не може да сервисира ниту една, потенцира Димитриеска-Кочоска и додаде дека тоа се случува во момент кога Буџетот е во тешка состојба, а државата како крајна инстанца мора да обезбеди пари за враќање на кредитите.

За најавеното линеарно зголемување на пензиите смета дека тоа е нешто што го заслужуваат пензионерите.

- Ако на некој со пензија од 13.000 денари му додадете 5.000 денари, значи му давате пари за да преживее, имајќи ги предвид зголемените трошоци. Ние само ја менуваме методологијата со која се фокусираме тие што имаат пониски пензии да добијат поголем износ и со тоа да се намали јазот со повисоките пензии, рече министерката за финансии.

Билатераниот заем од Унгарија, според министерката не прави дополнителен притисок врз Буџетот, бидејќи, како што вели, износот од 500 милиони евра е предвиден од претходната Влада.

-Она што го правиме ние е обезбедување поевтини пари. Односно доколку отидевме со изддавање еврообврзница ќе добиевме средства со камата од над 6%, а овој заем е со камата од 3,25%, рече Димитриеска-Кочоска.

Министерката истакна дека јавниот долг може да биде одржлив преку справување со неформалната економоија и дека важен аспект е и на кој начин се трошат парите што се позајмуваат, односно дали тие се трошат за инвестиции.

Минатата недела образложувајќи го дополнетиот ребаланс што го усвои Владата, Диомитриеска Кочоска истакна дека се проектирани преку 4,1 милијарда денари за исплата на плати, 5,1 милијарда денари за пензии, 800 милиони денари за корисниците на гарантирана минимална помош, 1,7 милијарди денари за здравствена заштитра, една милијарда за ТИРЗ, 1,7 милијарди за субвенции во земјоделство, 437 милиони за студентски оброк и 207 милиони за стипендии, како и шест милијарди денари за проекти во општините.

Со дополнувањето на ребалансот се обезедени дополнителни средства за повеќе институции:  Државната изборна комисија, Комисијата за заштита на конуренција, Агенцијата за заштита на лични податоци, МВР, Инспекцискиот совет, министерствата за образование и за транспорт и врски, Царинската управа, судската власт, Јавното обвинителство, Народниот правобранител, Советот на јавни обвинители, МАНУ,...

На денешната собраниска седница има вкупно 34 точки. Пред пратениците се и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2024 година, по скратена постапка, како и Предлог-завршната сметка на Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година.Треба да бидат разгледани и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, Предлог-законот за изменување на Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност, Предлог-законот за изменување на Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување, Предлог-законот за изменување на законот за прекинување на бременоста, Предлог-законот за изменување на Законот за евиденциите во областа на здравството, Предлог-законот за изменување на Законот за забрана на развивање, производство, складирање и употреба на хемиски оружја, Предлог-законот за изменување на Законот за безбедност во снабдувањето со крв, Предлог-законот за изменување на Законот за ментално здравје, Предлог-законот за изменување на законот за континуирано стручно усовршување на докторите на медицина, Предлог-законот за изменување на Законот за доброволно здравствено осигурување, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва, Предлог-законот за изменување на законот за управување со дополнителни текови на отпад, Предлог-законот за огласување ништовност и поништување на правни акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките за лустрација, како и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за oдликувања и признанија на Република Македонија, сите во прво читање.

Меѓудругите, на дневен ред е и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка, за којшто пратениците од Левица најавија дека ќе бараат да биде повлечен и јавна расправа, а реагираше и О2 Иницијативата. 

На дневен ред на 12. седница се и повеќе предлог измени и дополнувања на законите од областа на културата, сообраќајот,  шумите, ловството, спортот,..., кои треба да се донесат по скратена постапка, како и Предлог-просторниот план на Национален парк Пелистер 2016-2030.

Собранието треба да ги разгледа и предлог-законите за прогласување на Kањонот Матка и на Охридско Езеро за споменици на природат, како и на Студенчишко Блато за Парк на природата. ев/ац/

ФОТО: МИА Архива 

Остани поврзан