• сабота, 13 декември 2025

Во Корча тркалезна маса на ОБСЕ со претставници на македонското и другите малцинства во Албанија

Во Корча тркалезна маса на ОБСЕ со претставници на македонското и другите малцинства во Албанија

Дебар, 12 декември 2025 (МИА) - Во организација на ОБСЕ во Корча, Албанија, се одржа  тркалезна маса со претставници на малцинствата во оваа земја, на која како претставник на македонското малцинство учествуваше Васил Стерјовски.

На средбата присуствувал и амбасадорот на ОБСЕ во Албанија, Мишел Таран.

- Со голема благодарност до ОБСЕ за постојаната поддршка на правата на малцинствата во Албанија, ја искористив оваа прилика да ги изнесам предизвиците со кои се соочува македонската заедница.  Истакнав некои од клучните прашања за кои бараме поддршка, информираше Стерјовски.

Посочи дека побарал зајакнување на образованието на македонски јазик, застапеност на Македонците во институциите на сите нивоа, загарантирани квоти за малцинствата во албанското Собрание, како и поддршка во создавањето на услови за економски развој во регионот каде што живеат Македонците.

- Посебно се осврнав и на актуелната политика на Бугарија, за асимилација на Македонците во Албанија, што е сериозен предизвик за нашиот идентитет и култура, додаде Стерјовски, претседател на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).

Изразил голема благодарност до амбасадорот Таран за неговата безрезервна поддршка и охрабрувачките зборови, кои „ни даваат сила и мотивација да продолжиме со нашата борба за зачувување на македонскиот јазик, идентитет и култура". вт/са/

Фото: МАЕИ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан