• среда, 18 декември 2024

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Скопје, 14 ноември 2024 (МИА) - Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска почнува расправата за Предлог-буџетот за 2025 година. Седницата, според веб страницата на Собранието, треба да почне во 11 часот. 

Владата го усвои Предлог-буџетот на 29 октомври и во него економскиот раст е проектиран на ниво од 3,7 проеценти, буџетскиот дефицит на четири проценти од БДП, а инфлацијата на 2,2 проценти.

Вкупните приходи се планирани на ниво од 358,838 милијарди денари или за 13 проценти повеќе, а порастот се темели на поефикасната наплата и борбата со неформалната економија. Вкупните расходи се на ниво од 400,2 милијарди денари или за 10 проценти повеќе во однос на годинава, а дефицитот е на ниво од 41,350 милијарди денари и номинално е понизок за 3,3 милијарди денари.

Според министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, со Предлог-буџетот се поставени темелите за стабилизација на јавните финансии и економскиот раст. Тој содржи политики и мерки за фискална консолидација и дисциплинирано даночно трошење, како и мерки и политики за поттикнување на економскиот раст.

- Со еден збор креиравме Буџет којшто треба да носи вистински развој на државата. Капиталните расходи се на ниво од 50,65 милијарди денари што претставува зголемување за 13 проценти или 6 милијарди денари во однос на ребалансот на Буџетот за оваа година. Токму на ова го темелиме развојот. Дополнително, износот на капиталните расходи е повисок од номиналниот износ на дефицитот. Она што е најважно е дека креираме решенија за да постигнеме вистинска реализација на капиталните расходи и да ја промениме состојбата од минатото. Тука ќе биде нашиот фокус и затоа ја сменивме и политиката. Политиката вели да поддржиме квалитетни проекти и проекти кои можат да се реализираат во брзо време и да дадат импут во економскиот раст, истакна министерката за финансии на прес-конферецнијата организирана по усвојувањето на Предлог-буџетот од страна на Владата.

Во Предлог-буџетот, според министерката, се намалуваат средствата за непродуктивни трошења како што се ставките за мебел и возила, а обезбедени се средства за поддршка на животниот стандард на хграѓаните, односно средства за зголемување на пензиите за 2.500 денари во март за што се предвидени 105 милијарди денари. За исплата на плати обезбедени се 48 милијарди денари во ставката за плати и 2 милијарди денари дополнително во блок дотации за зголемување на платите во образованието, како и пари за поддршка на ранливите категории за кои се предвидени 14,5 милијарди денари, за здравствена заштита 5,2 милијрди денари повеќе или вкупно 53,4 милијарди денари.

Опозицијата најави дека нема да даде поддршка на Предлог-буџетот затоа што според нив тој е нереален и неразвоен. Пратениците од СДСМ поднесоа над 200 амандмани. 

– Овој буџет, како што е предложен, е скроен да ги задоволи потребите на власта, а не на граѓаните. Владата предвидува раст на БДП од 3,7 отсто за 2025 година, кој нема да може да го оствари, а потврда за тоа се проекциите на Народна банка, која го определи на 3,3 отсто и очигледно најреалната проценка на Светска банка 2,5 отсто. Владина проекција за висок раст на БДП е поставена на нереална основа и има за цел да оправда поголем буџетски дефицит. Ваквиот пристап ќе значи и зголемување на јавниот долг без да донесе никаков развој. Со други зборови ќе трошиме повеќе од тоа што заработуваме, а долгот ќе мораме да го враќаме во иднина веројатно со многу повисоки даноци или со кратење на пари за други подобри јавни услуги. Сите овие податоци покажуваат дека Владата е подготвена да ги задолжува граѓаните до следните три поколенија, без да создаде развој, изјави вчера лидерот на СДСМ Венко Филипче.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија нема да дозволи повторно поставување на системот „ало началниче“ во безбедносните и полициските структури, порача денеска лидерот на опозициската СДСМ

Поднесените амадмани, како што рече, се направени по сериозни анализи по сектори од експерти кои со години работат на соодветната проблематика и се димензионирани 

– Амандманите се димензионирани врз основа на потребите на луѓето кои работат во тие сектори. Понатаму, реално мерени, проценети и очекувања согласно тие амандмани и инвестиции кај што Владата не предвидела средства, понатаму дополнителни пари за подобрување на животниот стандард на граѓаните каде исто така Владата не предвидела средства. Очекувам да покажат добра волја и да ги поддржат овие амандмани поради тоа што овие амандмани се исклучиво направени и така ги предлагаме за граѓаните и за нашата економија, рече Филипче.

И од Демократската унија за интеграција (ДУИ) оценија дека Предлог-буџетот е неразвоен, има зголемување на буџетските расходи, а јавниот долг ќе се зголемува уште повеќе.

- Во една позната изрека на римскиот политичар и државник Цицерон, за буџетот се вели: Буџетот мора да се избалансира, државната каса да се надополни, јавниот долг да се намали, ароганцијата на службениците да се ублажи и контролира. Анализирајќи го Предлог-буџетот, со жалење констатираме дека ниту една од овие карактеристики или атрибути на развоен и демократски буџет, не е ни приближно предвидена во владиниот Предлог-буџет за 2025 година. Зошто го кажуваме ова? Имаме енормно зголемување на буџетските расходи, касата нема да се полни затоа што не се почитуваат фискалните правила со дефицит, кој сега е уште поголем од 2024. Јавниот долг уште повеќе ќе се зголеми и сето тоа покажува дека ароганцијата на функционерите ниту се скратуваат ниту се контролираат, истакна генералниот секретар на партијата Фатон Ахмети на вчерашната прес-конференција.

Комисиската расправа, според новиот Деловник, би можела да трае до 30 ноември по што Предлог-буџетот треба да биде донесен на пленарна седница. Претседателот на Собранието Африм Гаши во интервју за МИА соопшти дека во втората половина на декември се очекува Предлог-буџетот да се најде на пленарна седница. 

- По новиот Деловник, веќе е утврден крајот на ноември односно 30 ноември како последен датум кога треба да заврши комисиската расправа. Потоа се носи предлогот до Влада, очекуваме Владата да го дополни предлогот и во втората недела од месец декември треба да биде свикана пленарната седница, која трае пет дена и се надеваме дека во рамки а тие четири - пет дена ќе биде донесен буџетот за 2025 година, изјави Гаши во интервју за МИА. бак/са/

Фото: МИА архива

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан