• среда, 25 декември 2024

Почна 50. Меѓународна ликовна колонија „Куманово 2024"

Почна 50. Меѓународна ликовна колонија „Куманово 2024

Куманово 7 август 2024 (МИА) - Почна Меѓународната ликовна колонија „Куманово 2024". На јубилејното 50-то издание учествуваат десет ликовни автори од нашата земја и од Словенија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговона, Црна Гора и Романија. Колонијата ја организира Музеј Куманово, под покровителство на Министерството за култура и туризам и Општина Куманово. 

Драгана Спасковска, виш кустос историчар на уметноста, изјави дека станува збор за академски ликовни автори од различни генерации кои работат во различни ликовни правци. 

-Наредните денови ќе творат во етнокомплекс „Тимчевски" во општина Старо Нагоричане. Создадената колекција ќе биде достапна за јавноста на 12 август кога ќе биде и завршната вечер. Горди сме што колонијата успешно опстојува 50 години, изјави Спасковска.

Првата креативна средба е одржана во 1974 година во конаците на манастирот „Св. Прохор Пчињски“ и,  иако неколку пати ја менуваше локацијата на одржување поради познатите општествено-политички промени, до ден-денес колонијата се организира непрекинато.  Резултат на таа континуирана активност е богатата збирка на дела на НУ Музеј-Куманово, која  надминува 700 слики и скулптури.

-Нам како музеј ни претставува задоволство што успеваме да овозможиме креативно творење на национални и интернационални уметници. Се надевам дека и оваа година како и претходните, гостите ќе бидат задоволни и ќе си заминат со позитивни искуства, изјави директорката на НУ Музеј, Марија Миљуш Божурска.

Оваа интернационална ликовна колонија важи за една од најистрајните културни манифестации во Куманово, поддржана од локалната самоуправа и од Министерство за култура, а во комплетна организација на Фондацијата за култура и спорт и НУ Музеј - Куманово.

Директорот на Фондацијата, Марио  Арангеловски, посочи дека соработката се одвива многу плодно, а колонијата, како што рече, од година во година продуцира се подобри уметнички дела кои подоцна одтануваат во сопственот на Општина Куманово и НУ Музеј.

-Покрај работните обврски, секоја година даваме напори учесниците да бидат максимално анимирани, со пригодни прошетки на некои атрактивни локации, како во Куманово, така и ширум Македонија, изјави Арангеловски. ам/хс/ 

Фото: МИА архива

Остани поврзан