• сабота, 23 ноември 2024

Почна заедничката света архиерејска литургија на МПЦ-ОА и СПЦ во Охрид

Почна заедничката света архиерејска литургија на МПЦ-ОА и СПЦ во Охрид

Охрид, 5 јуни 2023 (МИА) - Во црквата „Света Софија“ во Охрид утрово почна света архиерејска литургија по повод годишнината од врачувањето на акт на Соборот на Српската православна црква (СПЦ) од страна на српскиот патријарх Порфириј на архиепископот охридски и македонски , г.г Стефан со кој СПЦ одобри и упати благослов за автокефалност на МПЦ-ОА, со што се стави крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.

Со светата архиерејска литургија чиноначалствуваат поглаварите на МПЦ - ОА г.г. Стефан и на СПЦ г.г. Порфириј придружувани од неколку епископи од двете цркви.

Светиот архиерејски синод на Српската православна црква (СПЦ) на заседанието на 20. минатиот месец донесе одлука за доделување канонски отпуст на Православната охридска архиепископија (ПОА) и интегрирање во МПЦ-ОА.

- На заседанието особено внимание беше посветено на темата за конечното решавање на канонскиот статус на архиереите на Православната Охридска Архиепископија, во светло на минатогодишната одлука на Светиот архиерејски синод за враќање во канонски статус и воспоставување литургиско единство, како и последователната одлука за доделување на Томос за автокефалност на Македонската православна црква - Охридска архиепископија.  За таа цел, Соборот донесе одлука за доделување канонско ослободување на ерархии на оваа автономна црква од страна на СПЦ и нејзино интегрирање во Синодот на Македонската православна црква во согласност со светите канони и Устави на двете помесни Цркви, како и претходно постигнатиот договор на Синодите на сите три црковни структури,  информираше во соопштение Светиот архиерејски синод на СПЦ.

Српскиот патријарх Порфириј на 5 јуни минатата година му врачи акт на поглаварот на МПЦ-ОА г.г Стефан, со кој се потврди одлуката на СПЦ објавена на 24 мај по сослужувањето на заедничка литургија во Соборниот храм во Скопје, со која СПЦ ја одобри и упати благослов за автокефалноста на МПЦ – ОА, ставајќи крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.

- По благодатта Божја имаме прилика да го овенчаме тоа што веќе постои меѓу нас, а тоа е единството, кое во еден период беше нарушено, но е воспоставено во духот на Црквата, а тоа е Македонската црква – Охридската архиепископија дека има не само услови потребни да се организира во контекст на автокефална црква и дека тоа е најдобар можен начин и метод за животот на нашите православи браќа и сестри во Северна Македонија. Затоа она што веќе го реализиравме преку служењето на литургија во Скопје, денеска чувствуваме и јавно пред сите да го објавиме документот кој се нарекува Томос, изјави Порфириј по литургијата во Белград на 5 јуни, минатата година.

Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров позитивно ја оцени одлуката на Архиерејскиот собор на Српската Православна Црква (СПЦ) и Патријархот Порфириј за евхаристичко единство

На заседанието на Светиот архиерејски синод на СПЦ во мај минатата година беше донесена едногласна одлука за прифаќање на автокефалноста на МПЦ. За таа одлука гласаа сите 42 епископи на СПЦ. По заедничката литургија на МПЦ и СПЦ во Скопје, патријархот Порфириј ја соопшти одлуката на Соборот, кој „едногласно и еднодушно излезе во пресрет на барањата на Македонската православна црква – Охридска архиепископија“ и ја прифати нејзината автокефалност.

Патријархот потоа рече дека по „заедничкото извршување на техничките и организационите детали ќе бидат информирани сите други православни цркви кои ќе бидат поканети според својот канонски ред и поредок го прифатат автокефалниот статус на МПЦ-ОА “.

Со овој чин на СПЦ се отвори и процесот за стекнување на Томос за автокефалност, кој двете сестрински цркви очекуваат да биде доделен од страна на вселенскиот патријарх Вартоломеј. Вселенскиот патријарх на 9 мај 2022 година објави одлука за враќање на нашата Црква во канонско единство со останатите православни цркви. Познато е дека вселенскиот патријарх Вартоломеј уште во февруари 2022 година испрати писмо до СПЦ со апел да го реши процесот со МПЦ-ОА. По ова на роденденот Црквата, празникот Педесетница - 12 јуни, вселенскиот патријарх Вартоломеј и архиепископот Стефан одржаа заедничка литургија во патријаршиската црква „Свети Георгиј“ во Истанбул. сс/мч/

Фото: МИА

Остани поврзан