• среда, 25 декември 2024

Почна Меѓународниот фолклорен фестивал „Радовишки собор“

Почна Меѓународниот фолклорен фестивал „Радовишки собор“
Радовиш, 30 септември 2022 (МИА) - Со Детската ликовна колонија „Фолклорот-наша вековита инспирација“ и со изложба и работилница за изработка и ткаење на етно елементи на разбој, вчера во Радовиш почна Меѓународниот фолклорен фестивал „Радовишки собор“, кој се одржува во рамки на познатата традиционална манифестација „Самун ем татлија“. Фестивалот денеска продолжува со две изложби на фотографии. Првата е на традиционални македонски носии, везови и накит од Фолколрното друштво „Етнос“ од Скопје, а втората изложба е на фотографии „Сведоштво“ од архивот на Центарот за култура „Ацо Караманов“ од Радовиш. По нив е планирано дефиле на учесниците на Меѓународниот фолклорен фестивал „Радовишки собор“,како и концерт на традиционална македонска музика во изведба на Вокално инструменталниот состав „Аманет“. Вечер е главниот настан со одржување на Меѓународната фестивалска вечер. Двата радовишки гастрономски брендови-самунот и татлијата се во центарот на оваа манифестација, на која ќе настапат повеќе естрадни уметници од земјава. За непречено одвивање на тридневната забава Општина Радовиш воведе времена измена на режимот на сообраќајот за да им се овозможи на посетителите пристап до манифестацијата, а упати и апел до радовишани движењето со моторни возила да го сведат на минимум и кон манифестацијата да пристапуваат без возила за да се растовари сообраќајот и да се ослободи место за паркирање за возилата што ќе пристигнат од другите градови. Годинашната манифестација ќе трае до 2 октомври, а се одржува под покровителство на Општина Радовиш.рт/дма/

Остани поврзан