• недела, 24 ноември 2024

Потпишан меморандум за соработка меѓу националната Пошта и средното поштенско училиште

Потпишан меморандум за соработка меѓу националната Пошта и средното поштенско училиште
Скопје, 22 април 2021 (МИА) - Во време на пандемија уште посилно се огледа важноста на поштенските работници, како и влогот кој како држава треба да го правиме во младите луѓе кои се идните носители на оваа професија. Со оваа порака, генералниот директор на А.Д. „Пошта на Северна Македонија“, Јани Макрадули го честиташе Денот на поштенските работници - 22 април. - Поштарите се една од најзначајните алки во целокупниот живот на секоја држава. Тоа особено го видовме изминатава година кога и покрај Ковид-19 пандемијата, поштенските работници не престанаа да работат ниту еден ден за што сите сме им благодарни. Иако дневно имаат контакт со голем број на лица, тие се свесни и одговорни за својата улога и важност за секој сограѓанин, но и за работата на компаниите, институциите или организациите. Затоа правиме сè за да ги заштитиме, но и да им обезбедиме подостојни услови за работа, како што е редовното здравствено и друго осигурување што кај дел од нив до скоро не беше регулирано, истакнал Макрадули, стои во денешното соопштение од АД „Пошта на Северна Македонија“. На Денот на поштенските работници, денеска е склучен и Меморандум за соработка помеѓу Пошта на Северна Македонија и средното училиште на Град Скопје „Владо Тасевски“. Целта на овој Меморандум е развој во делот на образованието и на претприемништвото, што вклучува соработка преку спроведување на практично образование за средношколците, реализација на заеднички научни истражувања, едукативни настани, како и учество во заеднички истражувачки проекти и активности. - Важно е да вложуваме во младите на секој план бидејќи тие се иднината на оваа професија, но и на целата држава. Како лидерска поштенска компанија денес на дело покажуваме дека водиме вистинска грижа за унапредувањето на знаењата и вештините на средношколците кои го избрале средното поштенско училиште. Општествената одговорност станува една од главните столбови во работата на Пошта и тоа во секој сегмент, посочил генералниот директор Јани Макрадули по потпишување на Меморандумот. Како што информирал директорот на средното поштенско училиште „Владо Тасевски“, Александар Сибиновски тие денеска поднесуваат и заедничка иницијатива до Министерството за образование и наука. - Покрај Меморандумот, важно е да спомнеме дека заедно со Пошта ќе поднесеме и иницијатива до МОН за воведување на нова насока, техничар за ПТТ сообраќај. Оваа насока која е со четиригодишно траење на образование претходно постоеше, но потоа беше укината. Токму ваквото насочено образование е од голема важност за учениците и развојот на поштенскиот сообраќај во земјава, па затоа се надеваме дека ресорното министерство ќе наиде на разбирање на нашата заедничка иницијатива и ќе прифати повторно воведување на насоката техничар за ПТТ сообраќај од следната учебна година, рекол директорот на училиштето, Александар Сибиновски, стои во соопштението. Според информациите од Пошта на Северна Македонија, компанијата продолжува со реализацијата на својата Стратегија за работа која во голема мера се базира на дигитализација на поштенските услуги и имплементација на е-трговијата, како и воведување на силна зелена компонента во своето целокупно работење. цр/са/  

Остани поврзан