Постојаните членки на Советот за безбедност на ОН го повикаа Косово да го одложи спроведувањето на одлуката за укинување на динарите
- Постојаните членки на Советот за безбедност на ОН синоќа ја изразија својата резервираност во однос на намерата на Косово еднострано да ја забрани употребата на динарот во земјата без соодветни консултации со партнерите и ја повикаа да ја одложи примената на таа мерка.
Њујорк, 9 февруари 2024 (МИА) - Постојаните членки на Советот за безбедност на ОН синоќа ја изразија својата резервираност во однос на намерата на Косово еднострано да ја забрани употребата на динарот во земјата без соодветни консултации со партнерите и ја повикаа да ја одложи примената на таа мерка.
За време на дискусијата на вонредната седница на Советот за безбедност на ОН за ситуацијата на Косово, закажана на барање на Белград, американската амбасадорка во ОН Линда Томас-Гринфилд изјави дека Вашингтон изразил резерви во однос на одлуката еврото да стане единствено средство за плаќање во Косово.
Таа ја повика официјална Приштина да го одложи спроведувањето на таа мерка додека не се дефинираат соодветни механизми, согласно европските стандарди.
Томас-Гринфилд ги критикуваше и неодамнешните акции на косовската полиција во врска со затворањето на три „паралелни“ српски општини и упадот во просториите на невладината организација Центар за заедници во Приштина, наведувајќи дека овие потези не се во согласност со приштинските напорите за создавање мултиетничко општество, пренесува Бета.
Од друга страна, Томас-Гринфилд рече дека САД очекуваат Србија да ги гони одговорните за вооружениот конфликт во селото Бањска на 24 септември минатата година.
Британскиот амбасадор во ОН, Џејмс Кариуки, изјави дека Србија и Косово „мора да ги почитуваат своите обврски и да избегнуваат еднострани дејствија со цел да ги постават темелите за заемно прифатлив и одржлив договор“.
Во врска со одлуката на властите во Приштина да ја забранат употребата на динарот во Косово, Кариуки рече дека има проблем поради неговото влијание врз малцинските заедници. Тој изјави дека е неопходно да се обезбеди Србите и другите заедници да продолжат да добиваат приходи во динари додека не се најде одржливо решение.
Кариуки, како и Томас-Гринфилд, рече дека Лондон ја повикува Србија да ги изведе пред лицето на правдата одговорните за конфликтот со косовската полиција во селото Бањска.
Заменик рускиот амбасадор во ОН, Дмитриј Пољански, ја обвини официјална Приштина дека спроведува „антисрпски терор“ со цел целото српско население засекогаш да ја напушти територијата на Косово и побара од членките на Советот за безбедност на ОН да станат за заштита на косовските Срби.
Пољански оцени дека малтретирањето и самоволните апсења на Србите достигнале неверојатно ниво и дека околу 40 отсто од косовските Срби ја напуштиле територијата поради потезите на Приштина, вклучително и кршење на избирачкото право на неалбанските заедници и конфискација на нивниот имот.
Тој верува дека одлуката на Приштина да го укине динарот како платежно средство создава економска несигурност кај голем број припадници на малцинските заедници и додаде дека тоа ризикува ново избивање на етничко насилство.
Кинескиот амбасадор во ОН Жанг Јун изјави дека едностраните дејствија на Приштина не придонесуваат за решавање на косовското прашање, туку дека предизвикуваат тензии кои Пекинг ги смета за „многу сериозни“. Жанг истакна дека Пекинг бара од мисијата на ОН на Косово да побара укинување на „незаконските и неразумни“ одлуки на Приштина, а косовските власти веднаш да се откажат од нив.
Тој оцени дека ситуацијата во Косово влијае на стабилноста на Балканот и Европа и ја повтори добро познатата позиција на Пекинг дека Белград и Приштина треба да постигнат заемно прифатливо решение преку дијалог, во рамките на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, притоа почитувајќи го суверенитетот и територијалниот интегритет на Србија. ссм/
фото: принтскрин