• среда, 25 декември 2024

Поради мраз дел од кичевските тротоари опасни за движење 

Поради мраз дел од кичевските тротоари опасни за движење 
Кичево, 10 февруари 2022 (МИА) - Последните врнежи од снег кои го зафатија кичевскиот регион и минусните температури во изминатите петнаесетина дена, ја зголемија лизгавоста на кичевските тротоари, пред се на осојничавите места, а повеќемина граѓани доживеаја падови, но за нивна среќа поминаа без  потешки последици. Комуналното претпријатие во повеќе наврати на тротоарите фрли поголеми количества на ризла и песок за да ја зголеми абразивноста. -Беше за очекување по снегот што падна минатата недела да замрзнат тротоарите на осојничавите места и поради зголемената фреквенција на пешаци да бидат опасни за минувачите. За да спречиме падови  на овие тротоари фрливме поголеми количества на ризла и песок со што придонесовме лизгавоста да се намали, како и опасноста од можни повреди. Се додека дел од тротоарите, пред се на осојничавите места, се смрзнати ќе ги посипуваме со сол и песок за да ја зголемиме абразивноста и безбедноста на минувачите, изјави Зенел Јонузи директор на ЈКП „Комуналец“. Инаку лизгавоста на тротоарите ја почувствуваа поголем број на граѓани на кои не им помогна ниту абразивниот материјал што беше нанесен на повеќе места. -И покрај можноста за пролизгување на осојничавите тротоари, сепак нема информација дали некој од овие граѓани се здобил со потешка повреда. Очекуваме најавите за повисоки температури во наредните денови да помогнат смрзнатата подлога да почне да се топи, а нашите граѓани што побезбедно да се движат по тротоарите, додаде директорот.за/вј/

Остани поврзан