• среда, 25 декември 2024

„Политико“: Сиљановска-Давкова предизвика расправии со Грција уште при полагањето заклетва

„Политико“: Сиљановска-Давкова предизвика расправии со Грција уште при полагањето заклетва

Брисел, 13 мај 2023 (МИА) - Бриселскиот портал „Политико“ во осврт за вчерашната инаугурација на новата претседателка Гордана Сиљановска Давкова коментира дека уште на самиот свечен чин во Собранието со неупотребата на уставното име таа предизвикала расправија со соседна Грција и многубројни реакции од Атина.

-Новоизбраната националистичка претседателка на Северна Македонија уште пред да положи заклетва во неделата, предизвика дипломатска расправија со соседна Грција, наведува политико.

„Политико“ наведува дека за време на церемонијата на полагање заклетва во Парламентот Сиљановска Давкова, која, како што посочи, е првата жена претседател на младата нација, ја нарекла својата земја „Македонија“, наместо со нејзиното уставно име „Северна Македонија“.

-Амбасадорката на Грција во Скопје, Софија Филипиду, веднаш ја напушти церемонијата на инаугурација во знак на протест, наведува порталот, додавајќи дека „десничарската партија ВМРО“, чија кандидат за претседател беше Сиљановска-Давкова и која победи и на парламентарните избори минатата недела, го отфрла Договорот од 2018 година кој предвидува земјата да не се нарекува „Македонија“.  

Според историскиот договор од Преспа, наведува изданието, името и Уставот на земјата беа сменети, овозможувајќи и на Северна Македонија да влезе во НАТО во 2020 година и да го започне процесот на пристапување во ЕУ. 

„Политико“ ја пренесува и реакцијата на грчкото МНР, според кое, изјавите на новата претседателка ги прекршиле условите од Меѓународниот договор од Преспа меѓу Атина и Скопје од 2018 година и ги загрозиле билатералните односи и изгледите на Северна Македонија за пристапување во Европската унија, како и пораката на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Икс дека „за Северна Македонија да го продолжи својот успешен пат кон пристапувањето во ЕУ, најважно е земјата да продолжи на патот на реформите и целосно почитување на нејзините обврзувачки договори, вклучително и Договорот од Преспа“. 

Порталот потсетува дека Грција со децении го блокираше пристапувањето на земјава во ЕУ и НАТО, тврдејќи дека со тоа што се нарекува себеси „Македонија“ го „присвојува грчкото име, како и историјата на античкото грчко Кралство Македонија“. Во текстот се додава и дека во изминатите две години, Бугарија, исто така, ја блокираше кандидатурата на земјата за ЕУ, барајќи уште еднаш да се измени нејзиниот Устав „за да се признае бугарското малцинство“. 

- Договорот од Преспа го потпиша тогашната Влада, предводена од социјалистичката партија СДСМ. Спротивно на тоа, националистичката ВМРО, на која и припаѓа Сиљановска-Давкова, отсекогаш го исфрлаше договорот. Во текот на неговата кампања за минатонеделните парламентарни избори, лидерот на ВМРО, Христијан Мицкоски, ја обвини СДСМ дека направила понижувачки компромиси за решавање на споровите со соседите и продолжи да ја нарекува земјата „Македонија“ и покрај договорот од Преспа, наведува „Политико“, пренесувајќи изјава на Мицкоски дека за него „Македонија е и ќе остане Македонија“. 

Според порталот, враќањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт по седум години, откако извојува „големи победи на парламентарните и претседателските избори минатата недела“, се очекува дополнително да ги комплицира односите и со Грција и со Бугарија, како и пристапот на земјата во ЕУ.  

- Иако ВМРО го поддржува членството во ЕУ, вели дека нема да се согласи со уставните промени што ги бара Бугарија, предуслов за пристапување на земјата во блокот, додава „Политико“. 

Порталот пренесува и реакција на грчката левичарска опозициска партија Сириза, која „го осуди употребата на терминот Македонија од страна на Сиљановска-Давкова“ и ја повика Владата на Грција „да се откаже од овој пасивен став“ и да ги мобилизира „сите расположливи дипломатски средства на меѓународно и европско ниво“, со цел „со строгост“ да се побара де не се употребуваат термини или преземаат дејствија „од страна на новата претседателка и членовите на новата влада на Северна Македонија со кои се прекршува Договорот од Преспа“. сп/ац/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан