• среда, 25 декември 2024

Пожарот на истокот изгаснат, но три активни пожари има во Скопско, пожарот кај Ајватовци доби сериозни димензии

Пожарот на истокот изгаснат, но три активни пожари има во Скопско, пожарот кај Ајватовци доби сериозни димензии

Кочани-Пробиштип, 26 август 2023 (МИА) - Огнените јазици кои зафатија сува трева, нискостелбести растенија, грмушки и шума на територија на општините Чешиново-Облешево, Пробиштип и Кочани се целосно изгаснати, вели за МИА директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

Пожарот кој од синоќа  по 22 часот е пријавен во ТППЕ-Кочани доцна попладнево  е ставен под контрола, бидејќи почна да паѓа дожд, а во неговото гаснење бидејќи беше  распространет на територија на три општини беа вклучени пожарникарите од Кочани и Пробиштип, како и од Доброволното противпожарно друштво од Кочани. Од воздух се гасеше со еден Ер трактор на ДЗС и два полициски хеликоптери.

Ангелов вели дека станува збор за огромна опожарена површина, која заедно со пожарот од пред десет дена опфаќа околу 250 хектари. Забележа дека пожарот се приближи и кон кочанското село Врбица, во кое живеат пет жители, а пробиштипските пожарникари со контрапожар успеаја огнените јазици да не влезат во селото Трипатанци.

Ангелов за МИА вели дека од попладнево има три поголеми пожари во земјава, од кои едниот е кај скопско Ајватовци кој доби сериозни димензии.

-Во близина на Ајватовци изби силен пожар, во борова шума. Груба проценка е дека е зафатено околу 30 хектари, зборувам за трева грмушки, но и за борова шума. Таму интервенира еден Ер трактор од ДЗС, но е испратен и еден полициски хеликоптер. Имаме уште два тешки пожари едниот е кај Умово на територија на Општина Студеничани, кој изби после 16 часот и уште еден пожар има на територија на село Рашче, изјави Ангелов.

Посочи дека ридот над селото Рашче е зафатен со силен пожар, а скопските пожарникари се распределени на неколку страни.

Во земјава има активни и уште неколку помали пожари. вдј/вј/

Фото: МИА архива  

Остани поврзан