Повик за аплицирање за Наградата на ЕУ за ромска интеграција во Западен Балкан и Турција
- Повикот за аплицирање за шестото издание на Наградата на Европската Унија за ромска интеграција во Западен Балкан и Турција е сега отворен. Ова издание е посветено на позитивните постигнувања за вклучувањето на Ромите во секторот образование, се наведува во денешното соопштение до јавноста.

Скопје, 25 февруари 2025 (МИА) - Повикот за аплицирање за шестото издание на Наградата на Европската Унија за ромска интеграција во Западен Балкан и Турција е сега отворен. Ова издание е посветено на позитивните постигнувања за вклучувањето на Ромите во секторот образование, се наведува во денешното соопштение до јавноста.
- Интеграцијата на Ромите е клучен приоритет во процесот на проширување на ЕУ, а Европската комисија е посветена на поддршка и признавање на работата на актери од ромската и не-ромската заедница - јавни институции, приватни компании и граѓански организации, во оваа област. Наградата на ЕУ за ромска интеграција во Западен Балкан и Турција има за цел да ја зајакне политичката посветеност и да ја поддржи интеграцијата на Ромите во регионот. Таа ги препознава иницијативите што значително ги подобриле животите на Ромите и што можат да бидат реплицирани во иднина, се појаснува во соопштението.
Се додава дека претходните изданија на наградата беа фокусирани на: важната улога на организациите што работат за интеграција на Ромите - прво издание, инклузијата, интеграцијата и зајакнувањето на ромската младина - второ издание, „непознати херои“ - Ромки кои преку својата работа и посветеност ја подобрија социјалната интеграција на Ромите - трето издание, личности кои промовираат еднаквост преку вработување - четврто издание и интеграцијата на Ромите во зелената и дигиталната транзиција - петто издание.
- Шестото издание на наградата ќе ги признае иницијативите што постигнале значаен напредок, конкретни одржливи резултати и позитивни промени во секторот на образование -предучилишно, основно и средно ниво. Наградата е финансирана од Европската Унија и имплементирана од Roma active Albania. Краен рок за аплицирање - 28 февруари 2025 година. Добитниците на наградите кои ги исполнуваат условите за финансиска поддршка, ќе добијат парична награда од 7.500 евра за прва и 4.500 евра за втора награда. Сите наградени ќе добијат студиска посета во Брисел, Белгија. Секој победник ќе добие статуа како симбол на признанието доделено од страна на ЕС DG NEAR и самиот настан. Сите наградени ќе имаат меѓународно признание преку церемонијата на доделување на наградата во Брисел и дополнително ќе присуствуваат на активностите што ќе се спроведуваат во исто време со доделувањето. Студиската посета ќе следи по доделувањето на наградите, се наведува во соопштението.
Повеќе информации за аплицирањето може да се најде на следниот линк. бд/цр
Фото: Плакат