• сабота, 16 ноември 2024

Пицула: Изборот на Трамп поттик за консолидација на ЕУ и интеграција на Балканот

Пицула: Изборот на Трамп поттик за консолидација на ЕУ и интеграција на Балканот

Сараево, 15 ноември 2024 (МИА) – Европа мора да се консолидира и да воспостави нов тип на издржливост и на тој начин да одговори на предизвиците што ги донесе изборот на Доналд Трамп за претседател на САД, а тоа вклучува и побрза интеграција на земјите од Западен Балкан, изјави хрватскиот европратеник Тонино Пицула.

Тој за сараевскиот весник „Дневен аваз“ истакна дека Европска Унија мора да ги зајакне своите капацитети и соработка во одбранбената и воена индустрија поради кризните жаришта - Украина и Блиски Исток.

Пицула потсети дека ЕУ извесен период „многу дискретно“ подготвува можни одговори ако Трамп воведе царини од 25 до 30 проценти за европската стока. Во исто време, еврото би можело да ослаби за околу десет отсто во однос на доларот.

Веќе се договараат некои контрамерки, дали ќе се применат, тешко е да се каже, но ЕУ би морала да изгради некаква отпорност заради себе, посочи Пицула.

Според него овие предизвици, заедно со потребата од консолидација на самата ЕУ, може да ја забрзаат европската интеграција на балканските земји.

- Јас сум еврореалист и би бил задоволен доколку до крајот на мандатот на Европската комисија се завршат еден или повеќе пристапни преговори, а на дневен ред останува само ратификацијата. Ако некоја земја влезе во ЕУ, тоа би било голем успех, изјави Пицула, кој е и известувач на Европскиот парламент за односи со Србија. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан