• сабота, 28 декември 2024

ПИНА: Над 81 отсто од 103 анкетирани новинарки се соочиле со онлајн вознемирување

ПИНА: Над 81 отсто од 103 анкетирани новинарки се соочиле со онлајн вознемирување
Скопје, 7 октомври 2022 (МИА) - Дури 81,6 отсто од 103 анкетирани новинарки во земјава се соочиле со онлајн вознемирување, откриваат резултатите од анкетата спроведена од Платформата за истражувачко новинарство и анализи - ПИНА со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Анкетниот прашалник кој го одговараа новинарките, е дел од темелната анализа посветена на онлајн вознемирувањето врз новинарките кај нас спроведено од ПИНА. За потребите на анализата на ПИНА, посветена на проблемот со вознемирување во дигиталниот простор, покрај анализа на домашни и меѓу-народни извештаи, правни анализи, истражувања и публикации, спроведени се и интервјуа со релевантни чинители како од областа на новинарството, така и од сферата на родово базираното насилство, а направена е и анкета која ја одговориле 103 новинарки, од кои 80,6 отсто имаат повеќе од 10 години работно искуство. Според новинарките, мотивот за вознемирувањето најчесто бил поради објава на новинарски текстови насочени кон други центри на моќ (56.6 проценти), во 43.4 отсто од случаите поради објава на сопствени новинарски текстови за општествени случувања кои биле критички кон властите, во 36.1 проценти поради објавени новинарски текстови за општествени случувања кои биле критички насочени кон некоја партија. Помал дел од новинарките кажале дека биле вознемирувани како резултат на изразување на лични ставови и мислења за општествени случувања кои биле критички кон властите (24.1 отсто) и кон некоја партија (18.1 проценти). Според податоците од истражување на Меѓународната федерација на новинари цитирано во публикацијата на ПИНА, 64 отсто од новинарките се соочиле со онлајн насилство, од кои речиси половина (47 отсто) не го пријавиле случајот. Резултатите од прашалникот на ПИНА покажуваат дека кај нас оваа бројка е уште повисока - дури 81,6 проценти од новинарките во земјава се соочиле со онлајн вознемирување поради својата работа, а речиси половина (43,7 отсто) вознемирувањето не го пријавиле никаде, додека најголем дел од останатите (32 проценти) го пријавиле во својата редакција. Над 29.7 отсто од новинарките кажале дека биле споделени нивни фотографии во одредени групи на социјалните мрежи, со цел нивна дискредитација. Со онлајн демнење се соочиле 22 проценти од новинарките, додека оркестрирани кампањи биле организирани против 18.7 отсто. Иако најголем дел (86,4 отсто) од испитаничките потврдиле дека се информирани во која институција треба да се пријави случај на онлајн вознемирување, само 25,2 проценти се обратиле до надлежната институција. Скоро половина (41,9 отсто) од новинарките кои пријавиле онлајн вознемирување и напади биле многу незадоволни од соработката со институциите, а само две испитанички се изјасниле како задоволни. Анкетата покажува дека најчесто (79,3 отсто) новинарките кажале дека не го познаваат вознемирувачот, а дури 89,9 проценти од испитаничките биле вознемирувани на социјалната мрежа Фејсбук. Во заклучоците од анализата, еден од наведените проблематични аспекти, е и непостапувањето од страна на платформата Фејсбук при пријавување на онлајн вознемирувања. Кај 74,3 отсто од новинарките, доживеаното вознемирување не предизвикало промени во натамошното однесување и дел од испитаничките ги игнорираат ваквите содржини прифаќајќи ги како дел од професијата, што покажува висок степен на нормализација на онлајн вознемирувањето. Како што истакна на Медиумскиот фестивал Скопје, авторката на анализата, Бојана Јовановска, целта на нападите во дигиталниот простор е да се замолчат гласовите на нападнатите, а посредно и да се замолчат и обесхрабрат нивните истомисленици, како и целни групи кои делат идентитетски карактеристики со примарните жртви на вознемирувањето. Токму затоа анализата е посветена на новинарките, кои како медиумски работнички се погодени поради својата јавна работа, но истовремено и како жени во патријархално општество. Според содржината на онлајн вознемирувањето, доминира говор на омраза (69 отсто), а во околу половина бил демонстриран сексизам (51,7 проценти) и шовинизам (43,7 отсто). Нападите во дигиталниот простор преоѓаат и во закани за физичко насилство (24,1 проценти) и закани по живот (19,5 отсто). Загрижувачки е и податокот што дури 36 проценти од испитаничките сметаат дека се соочиле и со организирани напади. Целата детална анализа на ПИНА може да се погледне на следниот линк. Првата публикација на ПИНА „Од нормализација до самоцензура - Анализа на онлјан вознемирувањето врз новинарките во Северна Македонија“, беше промовирана неодамна на Медиумскиот фестивал Скопје придружена и од краткиот документарен филм „Опасни мрежи“ во кој се разгледуваат искуствата на неколку новинарки кои биле мета на различни видови онлајн вознемирувања. Преку изработката на оваа анализа, во рамки на проектот „Промовирање на безбедноста на новинарките и професионалните стандарди во медиумите“ поддржан од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, платформата ПИНА, како организација која од самото основање работи на менување на свеста за позицијата на новинарките во македонското општество, го дава својот придонес во обид да се актуелизира оваа тема. Анализата, како што е наведено во соопштението од ПИНА, е направена со цел да се даде увид во моменталната состојба со онлајн вознемирувањето и нападите на новинарките како форма на родово базирано насилство, како и да се идентификуваат можните решенија за намалување и надминување на проблемот, вклучувајќи и механизми и ресурси за обезбедување соодветна заштита и помош. дма/са/

Остани поврзан