• сабота, 28 декември 2024

Пецаков: Непринципиелните коалиции во Охрид со 500 нови дивоградби, несредување на плажите и депониите го создадоа проблемот со УНЕСКО

Пецаков: Непринципиелните коалиции во Охрид со 500 нови дивоградби, несредување на плажите и депониите го создадоа проблемот со УНЕСКО
Охрид, 14 октомври (МИА) - Кандидатот за градоначалник на Охрид од ВМРО-ДПМНЕ Кирил Пецаков смета дека во градот мора да се решаваат прашањата поврзани со статусот во УНЕСКО, заштитата на езерото, чистењето на депониите, решавање на статусот и средување на плажите, проблеми на кои, како што рече, изминатите четири години од актуелната локална власт само се надодадени уште околу 500 нови дивоградби. - Проблемот со УНЕСКО сами си го создадовме, имаше 500 дивоградби само во овие четири години настанати врз основа на непринципиелни коалиции и непринципиелни договори во Советот на Општина Охрид. Но, проблемот со УНЕСКО не е само за дивоградбите туку и низата забелешки за заштитата на Охридското Езеро, Студенчишко Блато, препораки за подигање на еколошката свест каде една од главните забелешки е депонијата во Буково, забележува Пецаков. Пецаков посочува дека во неговата програма за Охрид има мерки за 365 дена туризам во градот, субвенционирања и надвор од туристичката сезона, како и студија за потенцијалот на Охрид. Тој вели дека на Охрид му е потребна регионална депонија каде што ќе се носи сметот од Охрид, но дека е потребна помош и од централната власт. - Плажите во Охрид мора да бидат уредени и од наредното лето мора да бидат спремни за граѓаните, банално беше што во јуни се уриваа, во тек на туристичката сезона ги оставивме неуредени и беа оставени со недоволни услови за граѓаните, а во август се објавува јавен повика за тоа како да изгледаат плажите, што е сосема нелогично, рече Пецаков. Пецаков забележува дека власта последните четири години не ги решила плажите по однос на концесионерските договори. Сето тоа, според него можело да биде решено во септември, но тоа е последица на лоша одлука на локалната власт. - На Охрид му е потребен 365 дена туризам. Ние имаме и потенцијал и можности сето тоа да го средиме, во нашата програма се предвидени мерки за зголемување на туристичката сезона како субвенционирање надвор од туристичката сезона, намалување или субвенционирање на сметките за вода, ѓубрарина на хотелите кои ќе работат и ќе понудат пониски цени, и многу други мерки, но една од најбитните е изработка на студија за туризам за да видиме какви потенцијали има градот Охрид и каков туризам можеме да развиваме во следниот период, истакна Пецаков. аб/мд/

Остани поврзан