• недела, 06 октомври 2024

Перински: Овозможен престој по сите стандарди на 28 нови корисници во Домот за стари лица во Берово

Перински: Овозможен престој  по сите стандарди на 28 нови корисници во Домот за стари лица во Берово

Берово, 23 август 2024 (МИА) - Министерот за локална самоуправа, Златко Перински денеска во Општина Берово го посети Домот за стари лица во кој во завршна фаза е адаптација на дел од објектот и подобрувањето на условите за престој во него. 

Активностите се во рамки на  проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој фаза 2“, преку Програмата „Инвестициски проект со дигитална компонента од Грантовата Шема“. Втората фаза од проектот предвидува  внатрешно уредување на Домот, опремување со мебел и друга потребна опрема, како и хортикултурно разубавување на надворешниот дел.

-Задоволен сум што со завршување на оваа фаза од проектот, успешно ќе се адаптира четвртата ламела, по која ќе се овозможи сместување на нови 28 корисници, а Домот за стари лица ќе добие капацитет за вкупно 67 корисници. Со новата опрема, сите лица ќе добијат соодветни и подобри услови за престој, со пропишани стандарди за згрижување и третман. Со инвестирањето во вакви проекти, инвестираме во подобрувањето на квалитетот на животот и психофизичката состојба на генерациите кои инвестирале во нас и на кои сме им должници, истакна министерот Перински..

Во посета на Домот беа и градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски, директорката на Домот „Д-р Иван Влашки“ во Берово, Живка Бојчовска Каламадевска и директорот на Центар за развој на Источен плански регион, Зујица Ангелова.

Директорката  Бојчовска Каламадевска го информираше министерот дека по завршувањето на градежните работи, останува да се набават и 14 таблети, кујнски апарати и перална, наменети за старите лица во домот и со тоа ќе се комплетира оваа фаза од проектот. 

- Со комплетирањето на оваа фаза од проектот, дефинитивно се придонесува кон зголемување на капацитетите за престој, а со истото секако се намалува долгата листа на пријавени корисници, истакна Бојковска Каламдевска.

Вредноста на целиот проект изнесува 22.8 милиони денари, од кои Министерството партиципира со 11 милиони денари, 8,94 милиони денари се финансиска поддршка од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка, а преостанатите 2,92 милиони денари ги обезбеди Општина Берово од сопствениот буџет.

Министерот Перински попладнево е гостин на свечената седница на Советот на Општина Берово, која се одржува во рамки на „Денови на Општината“ по повод 80 години од ослободувањето на Берово, а претходно, положи и цвеќе пред споменикот на паднатите борци. вс/лв/
 


Фото: МИА, Министерство за локална самоуправа 

vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан