• среда, 25 декември 2024

Пендаровски: Да ги удвоиме националните напори за посилен економски и општествен развој

Пендаровски: Да ги удвоиме националните напори за посилен економски и општествен развој
Скопје, 7 ноември 2022 (МИА) - Економската криза предизвикана од пандемијата но и руската агресија врз Украина доведе до ценовни шокови и раст на животните трошоци во Европа и светот. Ние сме високо рангирани во однос на смртноста од Ковид-19, загаденоста на воздухот ни е хроничен проблем, а имаме слаби резултати во образованието и медиумската писменост. Мора да ги удвоиме националните напори за да постигнеме посилен економски и општествен развој, смета претседателот Стево Пендаровски. Тој во своето обраќање за време на денешната презентација на Извештајот за човековиот развој 2021/2022 на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), рече дека половина од земјите во регионот на југоисточна Европа се со многу висок човеков развој, а другата половина се со висок човеков развој. Ние, како што додаде, сме на дното на втората група. -Тоа не треба да не изненадува ако имаме в предвид дека во здравствениот сегмент сме високо рангирани во однос на смртноста на Ковид-19, загаденоста на воздухот ни е хроничен проблем, а имаме слаби резултати и во рамки на ПИСА тестирањето. Ниско сме рангирани и во однос на медиумската писменост. На пример, Финска која е најдобро рангирана европска држава, има пет пати повеќе бодови за медиумска писменост од нас, рече Пендаровски. Според претседателот, без соодветна здравствена заштита, квалитетно образование и медиумска писменост, тешко е да се очекува висок животен стандард. -Голем дел од причините за овие состојби се екстерни и едноставно не зависат од нас - климатските промени, геополитичките тензии, економските, енергетските и здравствените кризи се глобални потреси кои го забавуваат прогресот. Но, освен надворешните влијанија, нашиот развој нема задоволително темпо и како последица на низа внатрешни фактори, рече претседателот. Тој напомена дека сведочиме на долга децениска историја на започнати, а незавршени реформи, како и на корупцијата, клиентализмот и сивата економија, што ја еродираат довербата на граѓаните во институциите. Безмалку, како што рече, секоја власт од независноста до денес, наследуваше и оставаше системски слабости кои се таложеа. -Овој извештај не треба да биде предмет на дневно политички толкувања, затоа што секоја генерација политички лидерства носи поголем или помал дел од одговорноста за овие состојби. Не треба да зачудува што во таков контекст, постојат сите предуслови за пораст на европесимизмот, популизмот и авторитарните тенденции, рече Пендаровски. Според претседателот, извештајот потврдува уште една загрижувачка тенденција. Како што посочи, иако јазот на нееднаквоста се стеснува меѓу државите, тој за жал се шири внатре во самите држави. Вообичаено, напомена, највисоката цена ја плаќаат најсиромашните, кои се најранливи во кризни времиња. -Индекост на УНДП ги посочува критичните точки на кои мора да се фокусираме за да надоместиме за изгубените години и да постигнеме повисок степен на развој. За да ја постигнеме целта на повисоко ниво на човечковиот развој за сите македонски граѓани, потребни се три работи - прво, соочување со реалноста, второ, обмислување на решенија и трето политичка волја да ги направиме неопходните промени, смета претседателот. Според Пендаровски, развојните стратешки документи ни ги даваат решенијата, а започнатите преговори за членство во ЕУ значат дополнителен мотив за суштински реформи. -Европската интеграција има уникатен потенцијал да биде катализатор за длабока трансформација на сите слоеви на општеството. Иако товарот на најголемиот дел од обврските лежи врз нас, се разбира дека и ЕУ има обврска да биде далеку поактивно вклучена во овој процес. Независно што заедно со остатокот на Европа и светот минуваме низ период на голема неизвесност, мораме да ги удвоиме националните напори за посилен економски и општествен развој за поголема доверба на граѓаните во институциите и драстично помало иселување на младите. Крајната цел е да изградиме општество со еднакви шанси за успех за сите негови членови, додаде Пендаровски.бт/ац/

Остани поврзан