• сабота, 23 ноември 2024

Пендаровски ги посети Дневниот центар „Имаго плус“ во Липково и Општата болница Куманово

Пендаровски ги посети Дневниот центар „Имаго плус“ во Липково и Општата болница Куманово

Скопје, 28 декември 2023 (МИА) - Претседателот на државата Стево Пендаровски по повод новогодишните празници денеска го посетил Дневниот центар за деца со попреченост „Имаго плус“ во село Оризари во општина Липково и Одделението за детски болести на ЈЗУ Општа болница - Куманово.

Како што соопшти Кабинетот на Пендаровски, во Дневниот центар за деца со попреченост „Имаго плус“ претседателот се запознал со активностите и со видовите на третман кои таму им се даваат на 15 деца со попреченост на возраст од 2 до 14 години.

Во разговорот со стручните лица во Дневниот центар, односно специјален едукатор, логопед, психолог и физиотерапевт, Пендаровски бил информиран дека Центарот нуди индивидуални третмани, а во попладневните часови се организираат различни активности кои вклучуваат групна терапија, окупациона терапија, арт терапија и активности за поттикнување на нивниот развој.

-Дневниот центар за деца со попреченост  „Имаго плус“ функционира од 2020 година како дел од проект за подобрување на социјалните услуги, поддржан од Министерството за труд и социјална политика, а финансиран од Светска банка и  опфаќа услуги за дневен престој, индивидуален третман, рехабилитација, реинтеграција и ресоцијализација на децата со попреченост во заедницата, се наведува во соопштението. 

Во кумановската Општа болница, пак, претседателот Пендаровски го посетил одделението за детски болести. Одговорните лица на оваа установа од секундарна здравствена заштита го информирале претседателот за начинот на функционирање.

-Притоа потенцираа дека освен жителите на Куманово, сеопфатна, континуирана и безбедна здравствена заштита добиваат и граѓаните на општините Липково и Старо Нагоричане, како и на помалите соседни општини Крива Паланка, Ранковци и Кратово, со примена на најсовремени медицински  достигнувања со цел брзо и ефикасно лекување на пациентите, информира Кабинетот на Пендаровски. 

За време на посетата, претседателот ги посетил децата кои престојуваат на одделението за детски болести и им поделил новогодишни пакетчиња посакувајќи им побрзо закрепнување. хс/са/

Фото: Кабинет на Претседател на Република Северна Македонија 

 

 

Остани поврзан