• понеделник, 18 ноември 2024

Пелеши: Имаме право да се сомневаме во шпионажа

Пелеши: Имаме право да се сомневаме во шпионажа
Тирана, 21 август 2022 (МИА) - По инцидентот што синоќа се случи пред поранешна фабрика за оружје во Грамш, кога биле нападнати двајца албански војници од страна на двајца Руси и еден Украинец, албанскиот министер за одбрана Нико Пелеши изјави дека „имајќи го предвид насилството во забранета воена зона, имаме право да се сомневаме во шпионажа“. Тој додаде дека инцидентот не е обичен случај и дека властите во Албанија го третираат со големо внимание, бидејќи биле нападнати припадници на армијата. Пелеши истакна дека не се знае дали лицата биле блогери, како што самите изјавиле, или не, но одговорот ќе го даде на крајот од истрагите поврзани со случајот. - Прашањето е настан и од геополитички контекст. Не може да помине како обичен инцидент. Ќе имаме повеќе детали по истрагата. Тие беа под опсервација, па нашите двајца војници веднаш реагираа. Не можам да кажам дали се блогери или не. Имаме работа со инцидент со примена на насилство. Не станува збор за правен прекршок, тие влегоа во средина каде што не треба да им се дозволи да влезат. Имаме право да се сомневаме во шпионажа, бидејќи секој странски државјанин кој влегува во воена зона да се фотографира е осомничен за шпионажа, рече Пелеши. Тој информираше дека здравствената состојба на војниците е добра и оти ќе ја напуштат болницата. - Врз основа на нивните изјави тројца странски државјани се приближиле до поранешната воена фабрика Грамш. Еден од нив нелегално ја преминал оградата, а двајцата војници го спречиле. Рускиот државјанин употребил спреј, но и покрај повредата војниците го запреле. Двајцата странски државјани се приведени. Потоа се приведени и други две лица. Повеќе не можам да откријам, ќе имаме изјава по истрагата, наведе Палеши. Претходно шефот на државата Бајрам Бегај, кој до изборот на ова функција, беше на чело на Генералштабот на албанската армија побара целосно расветлување на настанот и спречување на ситуации кои ја нарушуваат националната безбедност. вт/ми/

Остани поврзан