• среда, 25 декември 2024

Мицкоски - Курти: Време е за решавање на економските прашања

Мицкоски - Курти: Време е за решавање на економските прашања

Приштина, 18 ноември 2024 (МИА) - Време е да ги решаваме економските прашања, истакна македонскиот премиер Христијан Мицкоски на денешната заедничка прес-конференција со неговиот косовски колега Албин Курти, по заедничката владина седница во Приштина. 

Двајцата премиери и членовите на двете влади разговарале за широк спектар на прашања од заеднички интерес вклучувајќи ја економската соработка, зголемувањето на трговската размена, инфраструктурните проекти и заедничките напори за обезбедување на регионалната стабилност и безбедност, јави известувачот на МИА од Приштина.  

Мицкоски оцени дека средбата била исклучително продуктивна, со искрен и отворен дијалог што е од клучно значење за зајакнување на односите меѓу двете земји. 

- Убедени сме дека иднината на Западниот Балкан е во Европската Унија и во НАТО, рече Мицкоски, потенцирајќи дека граѓаните ги интересира поголем стандард.

Тој кажа дека се договорени конкретни чекори за подобрување на транспортните и енергетските врски што ќе има позитивно влијание на економскиот развој и напредокот на земјите во регионот. Исто така и за младите, образованието и младите. 

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната меѓувладина седница во Приштина истакнал дека очекува следната година економската соработка меѓу двете земји да достигне половина милијарда евра.

Косовскиот премиер Курти му се заблагодари на премиерот Мицкоски за волјата за продлабочување на соработката и зајакнување на партнерството меѓу двете држави во интерес на граѓаните и на регионот. 

Владите на Северна Македонија и на Косово денеска во Приштина одржаа заедничка седница по што беа потпишани билатерални договори и меморандуми за соработка во повеќе области. Со седницата претседаваа премиерите Христијан Мицкоски и Албин Курти. 

По седницата беа потпишани три документи. Првиот е меморандум за соработка во областа на енергетиката, рударството и минералните суровини, со којшто се дефинираат иницијативи за соработка во полето на енергетиката, гас, јаглен, електрична енергија и на релевантни инфраструктурни проекти за интерконекција за гас и други проектни иницијативи, како и иницирање соработка за испитување на можноста за развој на нова директна врска за гас Република Косово-Република Северна Македонија. 

Вториот документ е Информација за склучување на протокол за спроведување на Договорот за заеднички гранични премини „Блаце - Елез Хан“ и „Јажинце-Глобочица“. Со овој протокол се регулира начинот на проверки и царинска контрола, инфраструктурата на заедничките гранични точки, меѓусебно поврзување на системите на гранично управување и начинот на одржување на објектите.

Потпишан е и Меморандум за разбирање и соработка меѓу Министерството за образование и наука на Северна Македонија и Министерството за образование, наука, технологија и иновации на Косово.  

По официјалниот пречек, се одржа тет-а-тет средба на двајцата премиери Мицкоски и Курти, а потоа и меѓувладината седница. 

Членовите на македонската влада, предводена од премиерот Мицкоски во Приштина беа пречекани со највисоки почести. ар/ев/

ФОТО: Влада

 

Остани поврзан