• сабота, 09 ноември 2024

Пезешкијан: Ако ционистите не ги запрат злосторствата ги чека пожестоки реакции

Пезешкијан: Ако ционистите не ги запрат злосторствата ги чека пожестоки реакции

Техеран, 2 октомври 2024 (МИА) – Претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан денеска изјави дека Израел мора да ги запре „своите злосторства“ или го чека пожестоки реакции.

- Ако ционистичкиот режим не ги запре своите злосторства ќе се соочи со пожестоки реакции, изјави Пезешкијан еден ден откако Иран истрела речиси 200 ракети врз Израел, како одговор на израелската операција во Либан против Хезболах.

Пезешкијан денеска патува за Катар на Самитот Дијалог за азиска соработка, каде ќе разговара за билатералните односи помеѓу двете држави и ќе потпише договори со катарската Влада.

- Втората цел е да се разговара за тоа како азиските земји можат да ги спречат израелските злосторства во регионот и да ги спречат непријателите да почнат хаос на Блиски Исток, наведе Пезешкијан.

По синоќешниот ирански напад, премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху изјави дека Иран направил „голема грешка“ и оти „ќе плати за тоа“.

Непријателството помеѓу Иран и Израел траат повеќе од четири децении. Техеран го оспорува правото на постоење на Израел и се заканува со уништување на „ционистичкиот режим“. Додека за Израел, Иран е најголем непријател.

Иран и Израел во минатото соработуваа речиси 30 години. Иран беше меѓу првите држави која во 1948 година ја признаа државата Израел. За Тел Авив, Техеран беше сојузник против арапските држави. Додека за Иран Израел беше корисна политичка противтежа на арапските соседи.

Но, по победата на Исламската револуција во 1979 година Иран ги поништи сите договори со Израел и ја интензивира реториката против Тел Авив со цел да го засили своето влијание во арапските држави.

Иран подолг период ги поддржува Хезболах во Либан, Хамас во Појасот Газа, Хутите во Јемен, како и други групи во регионот.

Иран синоќа вторпат во рок од шест месеци го нападна Израел. На 13 април Иран истрела беспилотни летала и проектили кон Израел како одмазда за израелскиот напад врз Конзулатот на Иран во Дамаск, при што загинаа 13 лица, меѓу кои и седум офицери на Револуционерната гарда. Според Техеран нападот врз Израел бил „легитимна самоодбрана“ за уништениот Конзулат во Сирија.

Додека синоќешниот напад според Пезешкијан е „одлучен“ одговор против агресијата на Израел и одговор на елиминацијата на лидерите на Хамас и на Хезболах, Исмаил Ханија и Хасан Насрала и заменик-командантот на иранската Револуционерна гарда, Абас Нилфорушан. ми/

фото: ДПА

Остани поврзан