• среда, 18 декември 2024

Пандемијата и медиумите: Рекорден број поплаки

Пандемијата и медиумите: Рекорден број поплаки
27 февруари 2021 Дојче Веле, Бон Слободата на медиумите не е неограничена. Затоа, во Германија, меѓу другото, расте и бројот на поплаки за работата на медиумските куќи, поради пандемијата на коронавирусот. Особено проблематичен беше еден германски таблоид.
Лажни вести? Нивното насочено производство во печатените медиуми или на интернет порталите на германските весници? Тоа не е секогаш така, но: да, германските редакции исто така грешат. Понекогаш се работи за ситни грешки, а некогаш и поголеми. Една од класичните е објавување фотографија и име на жртва на некое злосторство или несреќа - спротивно на волјата на членовите на семејството. Во такви случаи, предметниот весник или интернет портал мора да смета на опомената на Германскиот совет за медиуми. Телото е основано во 1956 година и има функција на (доброволна) самоконтрола врз печатените медиуми и нивните онлајн страници. Тоа е првата адреса за сите читатели и корисници на веб-понудата кои се сомневаат во точноста на новинарските текстови. Или имаат чувство дека се кршат правилата на Новинарскиот кодекс. Ова, меѓу другото, може да претставува повреда на правото на заштита на личните податоци, односно нејасна разлика помеѓу уредничката содржина и рекламите. Судејќи според бројот на регистрирани поплаки, изминатата 2020 година беше многу лоша година за медиумите: 4.085 поплаки во изминатите 12 месеци, што е речиси двојно повеќе од претходната година (2.175).
Сепак, само врз основа на тој број, би било погрешно да се добие впечаток дека билансот е катастрофален. При анализа на податоците, може да се види дека само во 530 случаи, Советот (здружение иницирано од германски издавачи и новинарски организации и кое дејствува на доброволна основа) најде причина да истражи малку подетално за што всушност се однесуваат овие жалби. Во сите други, и тоа е околу 87 проценти, буквално само еден брз поглед беше доволен за да се разбере дека тие се очигледно - неосновани. На пример, кога некој се жали на коментар во печатот. Или фактот дека некој весник не го објавил писмото на читателот.
Советот, исто така, прима жалби за работата на радио и ТВ станиците, но други тела се одговорни за нив. Во случај на јавни сервиси (како и во случај на ДВ), ова спаѓа во надлежност на Советот за радио и телевизија. Слобода на медиумите како ориентација Германскиот совет за медиуми со големо внимание следеше колку жалби ќе има поради начинот на кој се известува за коронавирусот. Вкупно имало 581, поврзани со приближно 400 написи. И повеќето од нив беа „неосновани“ поплаки, тврди Советот. На пример, кога на читателот му пречат изрази како што се „оние што го негираат постоењето на коронавирусот“ или „теоретичари на заговор“. Портпаролот на Советот, Саша Боровски објасни врз основа на што тоа тело се „ориентира“ во својата работа - а тоа е принципот на слобода на медиумите, односно мислењето. Но, дури и таа слобода има граници. Според членовите на Советот, тие биле надминати пред се кога станува збор за известување од најголемиот европски таблоид „Билд“, кој „заработи“ најголем број опомени. Ова се случи 22 пати минатата година. А, тоа значи дека од 53 јавно изречени укори, дури 40 проценти биле на штета на „Билд“, таблоид со милионска публика. Најголемата возбуда беше поврзана со приказна од мај минатата година - за најпознатиот германски вирусолог Кристијан Дростен и неговата студија за опасноста што ја претставуваат децата при ширење на инфекцијата. „Билд“ го обвини Дростен, советникот на Ангела Меркел, за „сомнителни методи“ и ја нарече студијата „груба грешка“. Билд: Напад врз Кристијан Дростен Таблоидот притоа им премолчи на своите читатели дека станува збор за научна „претходна публикација“, чии резултати во тоа време сè уште не биле проверени од експерти, па затоа не може да се наречат конечни. Покрај тоа, приговорот гласеше „Билд“ не цитираше правилно, односно весникот тврдеше дека „децата може да бидат заразни како и возрасните“. Во документот на англиски јазик на тоа место се користеше коњуктив. Наместо „може да бидат“, стоеше „може“, што значи дека „Билд“ претвори една потенцијална работа во наводен факт. Советот заклучи дека „Билд“ повеќекратно нарушил еден од најважните принципи на новинарската работа, а тоа е совесноста. „Билд“ ја информираше својата публика за таа опомена, но само на страниците на Интернет, а не во печатеното издание. Според Советот, тој таблоид не ги информирал читателите во своето печатено издание од 2018 година дека весникот бил прекорен од Советот за медиуми, односно не објавил никакви информации за тоа. Законски, „Билд“ не може да биде „принуден“ на тоа. Во единаесет од 22 случаи минатата година, таблоидот не го објави тоа јавно. И „Билд“ не е исклучок - и другите медиуми се однесуваат на сличен начин. „Советот не е правда“ И самоконтролата има свои граници. Германскиот совет за медиуми предупредува и комуницира со редакциите и правните служби на издавачките куќи, вели Саша Боровски. Но, тој додава: „Советот не е правда.“ Врз основа на таа изјава, може да се разбере дека тој е „инструмент за укор“ - еден вид „тапо оружје“. Сепак, Советот ја информира заинтересираната јавност за сè, а сите негови јавно изречени прекори од 1986 година се на неговата веб-страница. Генерално, Советот е задоволен од начинот на известување за пандемијата. „Ние новинарите моравме да истражуваме во оваа работа, исто како и политичарите и лекарите“, вели Боровски. Што се однесува до етиката во медиумите, според него, новинарите завршија „добра работа“.  паг/  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан