Кузмановска за МИА: Со подигање на јавната свест до зголемен број согласности за донирање орган од починат донор
- Многу е важно да се подигне јавната свест за да има зголемен број согласности за донирање орган од починат член на семејство бидејќи процесот на трансплантација на органи кај нас, но и во најразвиените земји, се соочува со недостиг на соодветни органи, вели проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација, специјалист по анестезиологија со реанимација од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и Медицинскиот факултет при УКИМ, во интервју за МИА.
Скопје, 14 декември 2024 (МИА) - Многу е важно да се подигне јавната свест за да има зголемен број согласности за донирање орган од починат член на семејство бидејќи процесот на трансплантација на органи кај нас, но и во најразвиените земји, се соочува со недостиг на соодветни органи, вели проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација, специјалист по анестезиологија со реанимација од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и Медицинскиот факултет при УКИМ, во интервју за МИА.
- Зошто зборуваме исклучително во моментов за трансплантација од починат донор? Затоа што трансплантацијата на бубрези од жив донор се работи во Македонија од 1977 година. Тие органи имаат алтернатива, пациентите можат да добијат орган од жив донор, доколку се најде имунолошка компатибилност меѓу пациентот и дарителот. Меѓутоа, има органи како срцето каде нема алтернатива, пациент кој чека срце, мора да добие срце од починат донор, не може жив донор да донира срце, нагласува докторката.
Неопходни кампањи со учество на доктори, новинари и пациенти
За да се подобри системот, покрај следењето на легислативата, што Кузмановска смета дека добро се усогласува со европската, потребни се и кампањи во кои ќе учествуваат доктори, новинари, па дури и пациенти.
- Сметам дека треба да учествуваат и пациенти кои се на листата за органи, кои ќе си ги кажат своите маки со коишто се соочуваат за да може да допре тоа до популацијата, да сфатат дека тоа се живи луѓе кои секој ден се плашат за својот живот, кои не знаат колку долго ќе живеат, колку долго ќе чекаат орган, дали ќе дочекаат орган. Тоа е смислата на кампањата, подвлекува Кузмановска.
Важно, според неа, е и подобрувањето на системот, односно следењето на новините во медицината. Медицината, вели таа, е жива наука, не е статична, секогаш се развива и се подобрува.
- Значи, една континуирана едукација на здравствениот персонал кој работи во областа на трансплантологијата, континуирано вклучување нови медицински сили. Значи, подмладување на кадарот, освежување на кадарот, ширење на кадарот кој ќе работи трансплантација и секако, подобрување на медицинската здравствена инфраструктура, следење на медицинските новини и набавка на нова апаратура, нагласува Кузмановска.
За важноста на кадаверичната трансплантација, според Кузмановска, треба да се информира и населението, односно да се зголеми здравствената едукација за тоа што значи трансплантација од починат донор.
- Починат донор не може да биде секој човек кој починал во домашни услови, надвор од интензивна, во болнички услови. Починат донор може да биде само пациент кај кого е дијагностицирана мозочна смрт. Тоа значи дека во мозокот нема циркулација на крв, мозокот не се исхранува и практично е мртов, а се одржува во интензивна нега, благодарејќи на респиратор и лекови, значи по вештачки пат се одржува сѐ уште срцето, белите дробови и циркулацијата. Значи, починат донор е донор кај кој е дијагностицирана мозочна смрт во услови на интензивна нега и кој се одржува со респиратор и со медикаменти 24 до 48 часа. Најдобро е што пократко да е времето до добивање на дозволата за трансплантација на органи, за да можеме во таа битка со времето, органите што се трансплантираат да бидат во што подобра состојба, позачувани за да примателот на орган прими квалитетен орган, подвлекува Кузмановска.
Најуспешна со кадаверична трансплантација досега - 2021 година
Во државава како најуспешна година кога се извршени најмногу кадаверични трансплантации се смета 2021 година кога имало трансплантации од пет донори на милион жители.
- Се надевам ќе продолжиме трендот да ни биде нагорен со сите овие кампањи и едукација на населението. Значи, Албанија, Србија и Македонија се тука некаде со исти бројки. Од година во година варираме. Има години кога има еден донор на милион жители, тоа значи две трансплантации кадаверични годишно. Инаку од жив донор континуирано течат трансплантациите на бубрези, имаме над 500-тини досега сработено. Од соседните држави, Бугарија има три, Грција осум, а Словенија и Хрватска се меѓу европскиот врв, потенцира Кузмановска.
Најуспешна на овој план е Шпанија со 50 донори на милион жители, а на второто место е САД со 49 донори на милион жители. Потоа, следуваат европските земји, а при врвот се и Хрватска и Словенија.
Кузмановска вели дека имаме многу добар закон за трансплантација, што е во голема мера и усогласен со европската легислатива. Веќе година ипол се реализира и соработка со хрватското здравство во рамки на ИПА проект, односно едукатори од Хрватска го едуцираат македонскиот персонал, а се очекува и едукатор од Словенија.
- Минатиот месец имавме едукаторка од Хрватска, имавме над 60 медицинари слушатели од различни профили, одржувавме и работилници покрај теоретски предавања. Таа ќе продолжи да доаѓа. Имаме соработка и со Словенија, едукатор кој ќе доаѓа и ќе продолжи да работи во областа на едукаторството, вели Кузмановска.
Таа нагласува дека ниедна од мајорните религии не се спротивставува на органодарителството. Напротив, вели, го охрабруваат како чин на човекољубие и еден од најблагородните чинови.
- Во разговор со колешка од Хрватска, прашувајќи како тие стигнале дотаму каде што се, односно заедно со Словенија се едни од водечките земји во Европа по бројот на трансплантации од починат донор, таа ми кажа дека папата Јован Павле Втори, во обраќање кажал дека донирањето на органи од починат човек е врв на човекољубие, дека е тоа што религиите го проповедаат - дарување, човекољубие. Тоа е во однос на католичката вера, вели Кузмановска.
Блаже Дарудов
Фото: Дарко Попов
Видео: Аслан Вишко и Борис Куноски