• сабота, 23 ноември 2024

Палестински власти: Израел уби повеќе од 12.000 палестински ученици и студенти од октомври 2023

Палестински власти: Израел уби повеќе од 12.000 палестински ученици и студенти од октомври 2023

Рамала, 13 ноември 2024 (МИА) – Палестинското Министерство за образование со седиште во Рамала вчера соопшти дека израелската армија од 7 октомври 2023 година во Појасот Газа и на Западниот Брег убила повеќе од 12.000 и ранила 19.000 палестински ученици и студенти.

Министерството појасни дека од 7 октомври 2023 во Појасот Газа биле убиени 11.249 ученици, а 17.335 биле ранети, додека на Западниот Брег 80 ученици биле убиени, 479 биле ранети. На Западниот Брег биле уапсени 237 ученици.

Во истиот период, според Министерството, во Појасот Газа биле убиени 697 студенти, ранети биле 1.523 студенти, додека на Западниот Брег биле убиени 35 студенти, 130 биле ранети, а 229 биле уапсени.

Министерството додаде дека Израел спречил 88.000 студенти да продолжат со студирањето и 700.000 ученици да одат на училиште во Појасот Газа.

Во однос на наставниот кадар, податоците на Министерството покажуваат дека 444 од нив се убиени во Појасот Газа, додека бројот на ранети вработени во училиштата во Појасот Газа е 2.491. Меѓу персоналот на универзитетите, 117 загинале, а 1.221 биле ранети.

На Западниот брег, според Министерството, загинале тројца членови на наставниот кадар, 17 се ранети, а 144 се уапсени, додека деветмина од универзитетскиот персонал биле уапсени.

Во однос на израелски напади врз образовни објекти, 77 училишта во Појасот Газа биле целосно уништени, а 171 училиште претрпеле големи штети. Исто така, 126 државни училишта и 65 училишта кои припаѓаат на Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци (УНРВА) биле цел на бомбашки и вандалски напади.

Според Министерството, 91 училиште и седум универзитети на Западниот Брег биле изложени на упади и вандализам. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан