• среда, 25 декември 2024

Павлова за МИА: Подготвени сме да и помогнеме на Северна Македонија во нејзината амбиција за зелена и дигитална транзиција

Павлова за МИА: Подготвени сме да и помогнеме на Северна Македонија во нејзината амбиција за зелена и дигитална транзиција
Скопје, 12 март 2022 (МИА) - Подготвени сме да ја поддржиме амбицијата на Северна Македонија за искористување на потенцијалот на обновлива енергија, енергетска ефикасност и иновативност, порачува во интервју за МИА потпретседателката на Европската инвестициска банка Лилјана Павлова, која неодамна беше во посета на земјава. Зелената и дигиталната транзиција, според Павлова, се неизбежни особено по кризата со Ковид -19, а компаниите се важна алка во тој процес. Конкретната поддршка, финансиска и техничка, вели Павлова, треба да се обезбеди од локалните самоуправи, меѓународните финансиски институции и други деловни организации. - Во јануари оваа година, ЕИБ лансираше нова филијала - ЕИБ Глобално, која ќе ни помогне да ја зајакнеме нашата соработка со нашите локални партнери, работејќи уште поблиску под Тим Европа за подготовка и имплементација на проекти, благодарение на тимовите од експерти кои работат на терен. Се надеваме дека овие напори ќе го подобрат и нашето влијание во Северна Македонија и ќе ни помогнат да испорачаме поодржливи проекти во корист на нејзиниот народ и економскиот развој на земјата. Основањето на локалната канцеларија во Скопје планирано за оваа година дополнително ќе ги поддржи овие напори, вели Павлова. Во интервјуто, Павлова зборува и за причините зошто ЕИБ се одлучила да го финансира проектот за интерконектор за пренос на природен гас со Грција, притоа посочувајќи дека енергетската безбедност, разновидноста на ресурсите и постепената транзиција од јаглен кон поеколошки решенија се приоритет на Банката. - ЕИБ ја поддржува изградбата на интерконекторот за гас меѓу Грција и Северна Македонија со заем од 28,9 милиони евра надополнет со грант од 12,4 милиони евра од Инвестициската рамка за Западен Балкан. Проектот се однесува на изградба на гасна интерконекторска делница во Северна Македонија во должина од 68 километри, почнувајќи од границата близу Гевгелија и завршувајќи во близина на градот Неготино. Класифициран е како проект од заеднички интерес од страна на Енергетската заедница и е меѓу носечките инвестиции наведени во Економскиот и инвестициски план што ќе го обезбеди снабдувањето со енергија на регионот за иднината. Ќе отвори пристап до различни извори, ќе го осигури снабдувањето во случај на недостиг и ќе ја зголеми конкурентноста на пазарот преку поврзување со сè поразличните пазари на природен гас во Грција, подвлекува Павлова. На средбите за време на нејзината неодамнешна посета на земјава меѓу другото станало збор и за пречистителната станица за отпадни води во Скопје и за железничкиот Коридор 8. Интервјуто го пренесуваме во целост: Госпоѓо Павлова, веќе две години се соочуваме со најголемата пандемија, што секако се одрази и на развојот на економијата. ЕИБ поддржа големи инфраструктурни проекти, како и мали и средни компании. Колку пари се инвестирани во 2021 година во Северна Македонија? - Прво, Ви благодарам за оваа можност да зборувам за МИА и вашиот постојан интерес за активностите на Европската инвестициска банка (ЕИБ). Во 2021 година, ЕИБ обезбеди 141 милион евра за Северна Македонија за поддршка на малите и средни претпријатија и воведување на поразновидна и побезбедна енергетска мрежа. Ова се дел од амбициите на банката да поддржи постепена транзиција од јаглен кон позелени ресурси во Западен Балкан. Во согласност со тие цели, ЕИБ обезбеди 257 милиони евра во 2021 година за одржливи проекти во регионот на Западен Балкан низ различни сектори што ќе придонесат за почиста животна средина, подобар животен стандард и услови за бизнис. Истовремено, ја испорачавме нашата финансиска поддршка во вредност од 1,7 милијарди евра за побрзо социоекономско закрепнување на Западен Балкан, што е дел од одговорот на Тим Европа на КОВИД-19 усвоен во мај 2020 година. Во 2021 година, ја зголемивме и нашата техничка поддршка за Северна Македонија и регионот за да се забрза подготовката на стратешките проекти наведени во Економскиот и инвестициски план, со цел да се олесни зелената и дигиталната транзиција, подоброто поврзување меѓу земјите од Западен Балкан, процесот на интеграција во ЕУ и развојот на приватниот сектор. Како лојален и долгогодишен партнер на Северна Македонија, од почетокот на нашето работење во земјава, ЕИБ досега инвестираше 1,1 милијарда евра за поддршка на развојот на виталната инфраструктура и малите и средни претпријатија (МСП). Имајќи ги предвид значајните инвестициски потреби, ЕИБ ќе продолжи тесно да соработува со Европската комисија и нашите локални партнери во обезбедувањето техничка и финансиска поддршка за стратешки инвестиции во областите на одржлив транспорт, зелена транзиција, енергија и развој на приватниот сектор. Колку компании во Северна Македонија ја искористија оваа поддршка? - Во 2021 година, ЕИБ ѝ обезбеди 100 милиони евра на Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје (РБСМ). Овие средства се достапни под поповолни услови како непосредна поддршка за МСП и средно големите компании, кои работат во трудовоинтензивни сектори како што се производството и услугите. Обезбедени се нови извори на поприфатливо финансирање, како за обртни средства, така и за подолгорочни инвестиции, со подолги рокови и пониски каматни стапки. Финансирањето е дел од иницијативата Тим Европа и финансискиот пакет на ЕИБ за помош на Западен Балкан додека регионот закрепнува од КОВИД-19. Првата транша во износ од 16,9 милиони евра им беше доделена на компаниите во ноември 2021 година, со која беше обезбедена поддршка за 50 проекти на домашни мали и средни претпријатија и средно големи компании, главно од трговскиот и производствениот сектор. Компаниите можат да ги користат средствата за финансирање обртни средства со каматна стапка до 1,6 проценти за да го задржат својот бизнис и да ја зголемат продуктивноста. Претходните кредитни линии на ЕИБ потпишани со РБСМ поддржаа 2.090 компаниски проекти во различни сектори. Дали, според Ваша процена, македонските компании имаат потенцијал да инвестираат во дигитализација и зелена економија? - Зелената и дигиталната транзиција станаа неизбежни во контекст на кризата со КОВИД-19 и климатските промени кои ја трансформираат комуникацијата, синџирите на снабдување и моделите на производство. Компаниите се најважната алка за да се овозможи оваа транзиција, а конкретна поддршка, финансиска и техничка, треба да се обезбеди од локалните самоуправи, меѓународните финансиски институции и другите деловни организации за да ги водат низ овој процес. ЕИБ има за цел да ги приспособи своите практики во согласност со нејзините амбициозни климатски цели наведени во Патоказот на климатската банка, но исто така и да ги поддржи своите клиенти во постигнувањето на нивните дигитални, инклузивни и зелени цели. Се применуваат нови, иновативни финансиски производи на ЕИБ, како што се неодамна потпишаните кредитни линии со климатска компонента, што им овозможува на компаниите да финансираат проекти и деловни модели за одржливост на животната средина. Исто така, би сакала да ја истакнам програмата на ЕИБ, дизајнирана да ги охрабри компаниите да вработуваат луѓе од ранливите социјални групи. Се надеваме дека ќе можеме да ја распоредиме и во Северна Македонија. Во 2020 година, Европскиот инвестициски фонд, дел од Групацијата ЕИБ, воведе гарантна шема за претпријатијата што имаат за цел да ги зголемат нивните дигитални капацитети и вештини. Овој тип на иновативни финансиски инструменти се од суштинско значење за поттикнување на декарбонизацијата и одржливиот развој на приватниот сектор и планираме да ги прошириме овие инвестиции низ регионот, вклучително и во Северна Македонија. Тие се важна алатка за МСП за пристап до поволно финансирање, особено во контекст на кризата со КОВИД-19, која ги заостри кредитните услови кај банките. Кои се плановите на ЕИБ за Северна Македонија за 2022 година? - Имаме цврста низа на зелени инвестиции за во иднина, вклучително и приоритетниот проект за железничкиот Коридор 8 и новата шема за поддршка на општинската инфраструктура за водоснабдување и отпадни води. Како климатска банка на ЕУ, исто така сме подготвени да ја поддржиме амбицијата на Северна Македонија за реализирање на потенцијалот на обновливата енергија, енергетската ефикасност и иновативноста. Во јануари оваа година, ЕИБ лансираше нова филијала - ЕИБ Глобално, која ќе ни помогне да ја зајакнеме нашата соработка со нашите локални партнери, работејќи уште поблиску под Тим Европа за подготовка и имплементација на проекти, благодарение на тимовите од експерти кои работат на терен. Се надеваме дека овие напори ќе го подобрат и нашето влијание во Северна Македонија и ќе ни помогнат да испорачаме поодржливи проекти во корист на нејзиниот народ и економскиот развој на земјата. Основањето на локалната канцеларија во Скопје планирано за оваа година дополнително ќе ги поддржи овие напори. Го финансирате проектот за водоснабдување и отпадни води кој се чини дека ќе заврши годинава. Колку пари досега се искористени за овој проект и колку сте задоволни од неговата реализација? - ЕИБ ја финансира изградбата на пречистителната станица во Скопје со заем од 68 милиони евра, надополнет со грантови од Иницијативата за јакнење на отпорноста на економијата (ERI) и Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), како дел од Економскиот и инвестициски план на Европската комисија и Зелената агенда. Со подобрување на капацитетите за собирање и чистење на отпадните води пред испуштање во вода, ги поддржуваме јавното здравје, почистите реки и подобрите услови за живот за 500.000 луѓе. Драго ни е што овој проект напредува и неодамнешното отворање на понудите е важен чекор. Се радуваме на навремено и ефикасно спроведување на проектот. Во секторот за води, исто така, им помагавме на локалните општини да подготват и развијат проекти за подобрување на нивната инфраструктура за водоснабдување и отпадни води. Нов заем од ЕИБ е во фаза на одобрување за продолжување на овој тип поддршка, откако претходната операција ќе заврши во декември оваа година. Нашата цел, како климатска банка на ЕУ, е да му помогнеме на регионот да се приспособи и да ги ублажи негативните последици од климатските промени, да ја зголеми отпорноста на кризи и да ја подобри регионалната кохезија благодарение на модерната мрежа за поврзување и инфраструктура. ЕИБ инвестираше 128 милиони евра до денес во инфраструктурата за вода и отпадни води, што помогна да се подобри пристапот до вода за пиење и санитарни услуги за луѓето низ Северна Македонија. ЕИБ го финансира и проектот за интерконекторот за пренос на природен гас со Грција. Зошто решивте да го финансирате овој проект? - Денес, повеќе од кога било, енергетската безбедност, разновидноста на ресурсите и постепената транзиција од јаглен кон поефикасни и поеколошки решенија се еден од нашите приоритети за регионот на Западен Балкан, во согласност со Економскиот и инвестициски план на Европската комисија. ЕИБ ја поддржува изградбата на интерконекторот за гас меѓу Грција и Северна Македонија со заем од 28,9 милиони евра надополнет со грант од 12,4 милиони евра од Инвестициската рамка за Западен Балкан. Проектот се однесува на изградба на гасна интерконекторска делница во Северна Македонија во должина од 68 километри, почнувајќи од границата близу Гевгелија и завршувајќи во близина на градот Неготино. Класифициран е како проект од заеднички интерес од страна на Енергетската заедница и е меѓу носечките инвестиции наведени во Економскиот и инвестициски план што ќе го обезбеди снабдувањето со енергија на регионот за иднината. Ќе отвори пристап до различни извори, ќе го осигури снабдувањето во случај на недостиг и ќе ја зголеми конкурентноста на пазарот преку поврзување со сè поразличните пазари на природен гас во Грција. Исто така, тој е усогласен со целите за одржливост на Северна Македонија и нејзиното национално климатско ветување претставено на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (UNFCCC). Според тој договор, Северна Македонија го поднесе својот Проширен национален придонес кон климатските промени кој предвидува намалување на емисиите на стакленички гасови за 51 отсто до 2030 година во споредба со нивоата од 1990 година. Тоа исто така кореспондира со нацртот од Националниот план за енергија и клима. Бидејќи е приоритетен проект за Европската Унија и иницијативата Енергетска поврзаност на Централна и Југоисточна Европа (CESEC), тој ќе му помогне на регионот постепено да ја намалува употребата на јаглен, додека притоа се зголемува поврзаноста и се создаваат услови за заеднички регионален пазар и привлекување нови инвестиции. Неодамна бевте во Скопје каде се сретнавте со премиерот Димитар Ковачевски и со дел од министрите од економскиот тим. За што конкретно разговаравте? - Имав задоволство да се сретнам со премиерот Ковачевски, со голем дел од министрите, со градоначалникот на Скопје и со делегацијата на ЕУ. Драго ми е што од двете страни ја потврдивме нашата одлична соработка и изразивме посветеност да продолжиме со нашето силно партнерство. Разговаравме и за тековните клучни проекти како што се пречистителната станица за отпадни води во Скопје и железничкиот Коридор 8. Дополнително, идентификувавме многу други можности за проширување на нашата соработка и унапредување со нови проекти од стратешко значење за регионална интеграција и зелен развој на земјата, поддржувајќи го и јавниот и приватниот сектор. Билјана Анастасова-Костиќ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан