• четврток, 26 декември 2024

Отворена изложбата „Светлината на накитот низ вековите”

Отворена изложбата „Светлината на накитот низ вековите”
Скопје, 21 октомври 2022 (МИА) - Во Музејот на Северна Македонија од денеска е отворена изложбата „Светлината на накитот низ вековите”, каде посетителите имаат можност да видат презентација на предмети од минатото, со посебен фокус на накитот, преку примена на новите технологии - холограми. Фокусот е ставен на женски и машки накит од 19 век, поточно ѓердани, игли за коса, обетки. Уметницата Марија Милошевска, која е реализатор на изложбата, изјави дека целта е да се презентира еден поинаков начин на промоција на артефакти кои не секогаш сме во можност да ги видиме или пак да ги презентираме надвор од границите на државата.
-Накитот е едно големо благо кое го има во изобилие во нашата материјална култура. Неговата бројка е огромна, а ова е само мал дел од колекцијата, рече Милошевска.
Проектот е од областа на музејската дејност и заштита на нематеријалното културно наследство за 2022 година, а го реализира Здружението за унапредување на социјалните политики, образованието, културата и уметноста Доминиум културно јадро. Поддржан е од Министерството за култура. 
Изложбата „Светлината на накитот низ вековите” ќе биде отворена до следната недела.
Истовремено денеска во Музејот на Северна Македонија отворена е и изложбата „Мамка“ на Марија Милошевска.
Како што изјави Милошевска, изложбата е комбинација на два стари занаети, филигран и изработка на вештачки мушички за рибарење.
-Оваа колекција е инпсирација од најстарото пишано сведоштво за потеклото на рибарската мушичка во светот, познато под името „Macedonia fly“. Ова е еден нов концепт на презентација на накит со имплементација на дел од вештачки мушички за рибарење кои се имитација на вистинските мушички, парчиња накит, инсталации и фотграфии. Оваа поставка беше и во Етнографскиот музеј во Белград, рече Милошевска.
Накитот е изработен од сребро во комбинација со месинг. Изложбата ќе биде отворена до утре.бт/бак/

Остани поврзан