• четврток, 26 декември 2024

Отворена градинката „Сонце“ во Волково со згрижувачки капацитет за 150 деца

Отворена градинката „Сонце“ во Волково со згрижувачки капацитет за 150 деца

Скопје, 16 февруари 2023 (МИА) - Во Волково денеска официјално се отвори детската градинка „Сонце“, изградена според современи стандарди и која има капацитет за згрижување на 150 деца. 

Вкупната вредност, вклучувајќи ја и опремата е близу 1,7 милиони евра, средства обезбедени преку Проектот за подобрување на социјалните услуги на Министерството за труд и социјална политика (МТСП) со поддршка на Светска банка и на Општина Ѓорче Петров.

На настанот, покрај министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Стојкоски и директорот на Канцеларијата на Светска Банка за Македонија и Косово Масимилиано Паолучи, присуствуваше и премиерот Димитар Ковачевски кој најави дека за оваа година планираат изградба и доградба на дополнителни над 20 градинки во државава.

-Од 2017 до денес отворивме 75 градинки со опфат од 5.500 деца, а заедно со оваа градинка тој број го заокружуваме на вкупно 76, со што се згрижени 5.650 деца. Од 2017 до сега давателите на услуги, воспитувачките и негувателките во градинките, добија околу 36 проценти повисока плата. Со новото усогласување во месец март овој процент ќе достигне нешто повеќе кумулативни 40 до 50 проценти  вкупен раст за последните пет години, рече премиерот Ковачевски.

Со новото законско покачување што ќе се случи во месец март, за кое премиерот очекува да порасне за 2 500 денари, минималната плата, како што рече, ќе достигне 20 500 денари. Ова, како што истакна, предизвикува линеарно зголемување на платите за околу 2 500 денари на сите вработени во јавните установи за предучилишно воспитание и образование.

Министерката за труд и социјална политика нагласи дека од 2017 година МТСП има инвестирано во 76 градинки додека само преку Проектот за подобрување на социјалните услуги се предвиени 16 градинки од кои девет се пуштени во употреба.

-Оваа градинка ќе биде втор дом за околу 150 дечиња кои низ учење преку игра ќе се вклучат во воспитно згрижувачкиот процес и ќе стекнат вештини и знаења за нивниот натамошен успешен развој. Оваа неверојатно архитектонско дело кое ја доби наградата во 2021 од асоцијацијата на архитекти ќе ги понуди најдобрите услови за децата, нагласи министерката Тренчевска.

Според градоначалникот Стојкоски со отворањето на градинката „Сонце“ се намалува бројот на дечиња кои чекаат на списоците за упис во детските градинки. 

-Со правилен менаџмент за една година имаме намалување на листата за чекање од приближно 600 дечиња. Со целосно ставање во функција на овој објект ќе дојдеме до 180 деца кои се на листите на чекање. Раниот детски развој е особено важен за децата , за нивната социјализација и за стекнување здрави животни навики. Со сите ресурси со кои располагаме се залагаме да ги зголемиме капацитетите на постоечките градинки, рече Стојкоски.

Директорот на Канцеларијата на Светска Банка за Северна Македонија и Косово Масимилиано Паолучи посочи дека со нивна поддршка МТСП почна 16 проекти поврзани со инфраструктурата. Најголем дел од нив, како што кажа, се завршени или се во напредна фаза на завршување и ќе овозможат две илјади деца во земјава да присуствуваат во градинката. Фокусот, додаде, е на децата од социјално обесправени групи.

-Инвестирањето во раниот детски развој е најдобрата инвестиција што една земја може да ја поддржи. Секои четири евра потрошени денеска за гарантирање пристап до ран детски развој враќаат 16 евра назад. Владата, локалните самоуправи и државаат даваат висок приоритет на раното детско образование. Ние ќе продолжиме да соработуваме во допонлително унарпедување на раниот детски развој во Македонија, рече Паолучи. мс/аа/

 

 

Остани поврзан