Осуден поранешниот градоначалник на Драч, Ванѓуш Дако, претходно прогласен за непожелен за САД
- Албанскиот специјален суд против организиран криминал и корупција, попладнево му изрече казна затвор во траење од 2 години и 8 месеци на поранешниот градоначалник на Драч, Ванѓуш Дако.
Тирана, 25 ноември 2024 (МИА) – Албанскиот специјален суд против организиран криминал и корупција, попладнево му изрече казна затвор во траење од 2 години и 8 месеци на поранешниот градоначалник на Драч, Ванѓуш Дако.
Под обвинение за „злоупотреба на службената положба“ и „фалсификување документи“, Специјалното обвинителство побарало 4 години, но поради согласноста за скратена судска постапка казната му е намалена.
Дако, кој беше уапсен во јуни годинава, како градоначалник, во 2011 година дозволил изградба на 11-катница во Драч која, според СПАК, била под сите критериуми, технички услови и незаконски и која настрада во катастрофалниот земјотрес во ноември 2019 година.
Второто обвинение се однесува на проектот „Крајбрежно шеталиште“, за кое според СПАК била „потрошена“ десетпати поголема сума пари од онаа што треба да се пресмета врз основа на Одлуката на владата, со што на државата и е нанесена штета од 18 милиони лека.
Тој, поради корупција, е меѓу оние кои до сега се прогласени за непожелни за САД, и е заедно на списокот со поранешниот премиер и екс шеф на државата Сали Бериша, поранешниот главен државен обвинител Адриатик Лала и поранешниот пратеник и бизнисмен Том Доши.
Дако е последователен висок функционер од редовите на владејачките социјалисти осудени по истата основа.
На почетокот на овој месец во случајот „инценератор во Елбасан“ беше осуден поранешниот министер за животна средина Лефтер Кока.
На Кока, кој беше уапсен во средината на декември 2021 година му беше изречена затворска казна во траење од 10 години, но поради согласноста за скратен судски процес, казната му беше намалена на 6 години и 8 месеци.
Во февруари годинава, пак, три години затвор доби поранешниот градоначалник на Кукс, Сафет Ѓици а на крајот на декември минатата година две години затвор доби градоначалникот на општина Булќиза, Лефтер Ала.
На сите осудени, кои се од редовите на владејачката Социјалистичката партија, им е одземено правото да вршат јавни функции во траење од три до пет години. вт
Фото: Дако ФБ