• среда, 25 декември 2024

Османи: Соработката на ОБСЕ и на Советот на Европа е повеќе од кога било потребна и релевантна

Османи: Соработката на ОБСЕ и на Советот на Европа е повеќе од кога било потребна и релевантна

Скопје, 5 јули 2023 (МИА) - Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи денеска во Стразбур се обрати пред Комитетот на министри на Советот на Европа (СЕ).

Како што соопшти МНР, на половина од Претседавањето со ОБСЕ, Османи ги претстави досегашните активности во својство на Претседавач при тоа како клучни ги издвои посетите на Украина, Молдавија, Јужен Кавказ, како и на Србија и на Косово, потенцирајќи ја и континуираната работа на ОБСЕ во овие клучни региони за Организацијата.

-Живееме во период на демократско назадување и безбедносни предизвици поради руската воена агресија против Украина, која ги наруши принципите на кои се втемелени нашите организации. Затоа, приоритет на нашето претседавање е да обезбедиме суштинска поддршка за Украина и нејзиниот народ. Откако ќе се врати мирот и Русија ќе ги повлече своите сили од суверената територија на Украина, ОБСЕ ќе ги стави на располагање сите свои капацитети за нејзино повоено закрепнување, рече Османи во своето обраќање. 

Покрај планот за Украина, Османи се осврна и на другите долготрајни конфликти и нестабилност во регионот на ОБСЕ, за кои како претседавач презентираше патокази за постепено решавање што ќе доведе до долготрајна стабилност и мир.

-Во таа насока е и планот од девет точки за деескалација на неодамнешните тензии во Косово, којшто ќе обезбеди понатамошна нормализација, рече Османи, потенцирајќи дека Претседателство во сите свои планови на прво место ги става луѓето и подобрувањето на нивниот секојдневен живот.

Како што рече Османи, ОБСЕ е вклучена во широк спектар на важни области за луѓето, а своите капацитети за регионот на Југоисточна Европа ги насочи на помирувањето, борбата против корупцијата и климатските промени. И покрај предизвиците со кои се соочува Организацијата, таа ќе остане целосно посветена на своите приоритети, нагласи Османи.

-Функционална и флексибилна ОБСЕ којашто ќе помогне во обновувањето на мирот и безбедноста и ќе спречи идни конфликти во регионот на Организацијата. Промоција на безбедноста на луѓето преку поддршка за одржлив економски раст и еколошка соработка и промоција на човековите права, демократијата и владеењето на правото како предуслови за сеопфатна безбедност. Токму во овие приоритети се соединуваат активностите и на ОБСЕ и на Советот на Европа чија взаемна работа е повеќе од кога било потребна и релевантна, рече Османи.

Низ годините и двете организации негуваат силна соработка за градење на енергични и силни демократии, потенцира претседавачот на ОБСЕ и шеф на дипломатијата Бујар Османи, стои во соопштението. вг/лв/

Фото: МНР

 

 

Остани поврзан