• сабота, 23 ноември 2024

Османи: Иницијатива 8 да прерасне во ново партнерство кое ќе понуди стратешки подлабока и позначајна соработка со ЕУ

Османи: Иницијатива 8 да прерасне во ново партнерство кое ќе понуди стратешки подлабока и позначајна соработка со ЕУ

Скопје, 27 јули 2023 (МИА) - Денешниот прв министерски состанок го означува почетокот на Иницијативата 8, која, покрај транспортна и енергетска поврзаност долж Коридорот 8, ќе послужи и како политичка платформа што ќе обезбеди унапредување на меѓусебната соработка и интензивирање на политичката, економската, безбедносната, културната и социјалната размена помеѓу Северна Македонија, Италија, Бугарија и Албанија, истакна шефот на дипломатијата Бујар Османи на прес-конференцијата во Бриндизи, Италија на која заедно со своите колеги што се дел од оваа соработка, Антонио Тајани, Марија Габриел и Олта Џачка беа претставени главните контури на оваа иницијатива.

-Блиската соработка со две земји-членки на ЕУ, Италија и Бугарија, има големо значење за нас и за Албанија како земји-кандидати бидејќи ќе има позитивни импликации. Оваа иницијатива е и во насока на она за што се залагаме како земја, повеќе интеграција пред членство, односно вклучување на земјите-кандидатки во соодветните политики и иницијативи на ЕУ, што ќе им овозможи на граѓаните искористување на придобивките од пристапувањето во текот на целиот процес, а не само по неговото завршување, рече Османи на прес-конференцијата.

Оваа заедничка иницијатива, вели Османи, треба да прерасне во еден нов сојуз во регионот, кој ќе понуди стратешки подлабока и позначајна соработка на земјите преку промоција на европските вредности, севкупна европеизација на целиот регион и воспоставување трајно разбирање, доверба меѓу нашите народи, политичка соработка и економска раст, соопшти МНР.

-Северна Македонија може да одигра клучна улога во подобрувањето на физичката поврзаност во регионот што ги поврзува западот и истокот. Заедничката работа на нашите влади може да овозможи многу набрзо да имаме транспортен коридор преку кој ќе биде возможно за 10 часа да се стигне од пристаниште во Италија на Јадранско Море до пристаниште во Бугарија на Црно Море. Сега тоа време изнесува 25 часа, рече Османи.

Османи Иницијативата 8 ја иницираше на почетокот на 2021 година како идеја за нова, мултидисциплинарна платформа помеѓу Северна Македонија, Бугарија и Албанија преку која би се интензивирала и продлабочила меѓусебната соработка, како стратешки интерес за државите што се дел од иницијативата, наведуваат од МНР.

Покрај тоа, Османи во Бриндизи ги претстави и најновите инфраструктурни проекти во Северна Македонија долж Коридорот 8 на Транс-европската транспортна мрежа кон Бугарија и Албанија, како и паралелното развивање на инфраструктурата долж Коридорот 10, проекти што можат да послужат како катализатор за регионалната соработка и напорите за интеграција.

Министрите за надворешни работи се договорија дека ќе одржуваат редовни состаноци и истовремено ќе работат на зајакнување на соработката, не само помеѓу владите, туку и помеѓу градовите низ кои минува Коридорот 8. Во иницијативата ќе бидат вклучени и бизнис и граѓанскиот сектор како еден од главните фактори за спроведување на успешна соработка. нд/дма/

Фото: МНР 

Остани поврзан