• среда, 25 декември 2024

Општините од кочанскиот регион конкурираат со 10 проекти за финансиската поддршка од Владата

Општините од кочанскиот регион конкурираат со 10 проекти за финансиската поддршка од Владата

Кочани, 14 септември 2024 (МИА) – Четирите општини од кочанскиот регион пријавија вкупно 10 инфраструктурни проекти на jавниот повик за финансирање што го објави Министерството за локална самоуправа. Од државниот буџет тие очекуваат да добијат финансиска поддршка од околу 132 милиони денари.

- Според нашите пресметки општина Кочани треба да добие околу 1,5 милион евра за чија намена се дефинирани три проекти. Ќе се работи на изградба на источниот сообраќаен влез во градот, реализација на третата фаза од главниот потисен цевковод за водоснабдување и изградба на атмосферска канализација во населбите Усова Чешма, Трајаново Трло и Стара индустриска зона, истакна градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов.

Локалната самоуправа на Виница изработи целосна урбанистичка и планска документација и поднесе апликации за два проекта со кои ќе се уредуваат коритата на двете реки во градот, а за што очекува финансиска подршка од околу 41 милион денари.

- Наша цел е со средствата што ќе ги добиеме од државата да се доврши регулацијата на Градечка Река и тоа 293 метри на мајор коритото и 693 метри на минор коритото, како и партерно уредување со регулација на околу 1,1 километар на Виничка Река. Со тоа комплетно ќе бидат уредени речните корита што поминуваат низ централното градско подрачје, нагласи Миле Петков, градоначалник на Виница.

Општина Зрновци конкурираше со три инфраструктурни проекти за кои од државата треба да добие околу 6,5 милиони денари.

- Еден од приоритетните проблеми за кои е потребно итно решавање е санација на тдц, што повеќе од 15 години чека соодветна интервенција. Со средствата од државната помош ќе се изгради и локалниот патен правец межу локалитетите Оризови Гумна и Друмот во селото Видовиште, како и локалниот пат до месноста Гробишта во селото Мородвис, истакна градоначалникот Борчо Коцев.

Во општина Чешиново-Облешево очекуваат да добијат државна поддршказа два проекти што се однесуваат на подобрување на патната инфраструктура.

- Подготвивме проекти за реконструкција на улицата „Сремска“ и дел од улицата „6“ во село Облешево, како и за реализација на втората фаза за обновување и уредување на коловозот на улицата „Маршал Тито“ во селото Чешиново, нагласи градоначалникот Далибор Ангелов.

Градоначалниците од четирите општини оценуваат дека се работи за важни проекти за локалното население, кои ги ветиле и во нивните предизборни програми.та/ар/
Фото:МИА

Остани поврзан