Пропс на работни состаноци во Скопје: Словенија ја поддржува реформата на јавната администрација на земјава
- Министерот за јавна администрација на Република Словенија, Франк Пропс денеска во рамки на официјалната посета на Скопје одржа работни состаноци со претставници на Министерството за јавна администрација. Во фокусот на разговорите беа реформата на јавната администрација, професионализацијата на административните службеници и европската интеграција.

Скопје, 5 април 2025 (МИА) - Министерот за јавна администрација на Република Словенија, Франк Пропс денеска во рамки на официјалната посета на Скопје одржа работни состаноци со претставници на Министерството за јавна администрација. Во фокусот на разговорите беа реформата на јавната администрација, професионализацијата на административните службеници и европската интеграција.
Како што соопштија од Министерството за јавна администрација, состаноците со Секторот за реформа на јавната администрација и Секторот за Академијата за стручно усовршување на административни службеници резултирале со заклучоците - Подобрување на системот за управување со човечките ресурси – усвојување на мерит-системот и најдобрите европски практики за селекција, напредување и обука на административните службеници, јакнење на капацитетите на Академијата за обука – воведување на нови, практично ориентирани програми за стручно усовршување и професионален развој, како и следење и евалуација на реформите – воведување механизми за мерење на ефектите од реформските политики и нивно прилагодување согласно европските стандарди.
Министерот за јавна администрација Горан Минчев нагласил дека реформата на јавната администрација не е само техничко, туку и суштинско политичко прашање кое ја одредува иднината на европската интеграција на државата.
-Професионална и ефикасна администрација е клучна за изградба на функционална држава. Нашата цел е создавање модерен јавен сервис кој ќе одговара на потребите на граѓаните, а не на партиските интереси. Во тој процес, поддршката од Словенија и од ЕУ е од суштинско значење, истакнал Минчев.
Министерот Пропс ја потврдил поддршката на Словенија за реформите, нагласувајќи дека Република Македонија треба да остане на европскиот пат и дека модернизацијата на администрацијата е клучна во тој процес.
-Реформите во јавната администрација се меѓу најсложените, но и најважните чекори во секоја држава што се стреми кон членство во ЕУ. Република Македонија има политичка волја и капацитет да успее во овој процес, а Словенија е подготвена да ја поддржи со своето искуство, рече министерот Пропс.бт/нд/
Фото: Министерство за јавна администрација