Општина Илинден воведува финансиска поддршка за првачиња
- Општина Илинден, како една од општините со постојан демографски пораст и зголемување на наталитетот, продолжува со креирање конкретни мерки насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Во таа насока, за првпат се воведува финансиска поддршка за сите првачиња, информираат од Општината.
Скопје, 23 јануари 2026 (МИА) - Општина Илинден, како една од општините со постојан демографски пораст и зголемување на наталитетот, продолжува со креирање конкретни мерки насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Во таа насока, за првпат се воведува финансиска поддршка за сите првачиња, информираат од Општината.
Како што додаваат оттаму, Општина Илинден од 2022 година, континуирано обезбедува ранчиња со училишен прибор за секое дете запишано во прво одделение во основните училишта на територија на општината. Почнувајќи од следната учебна година, покрај досегашната поддршка со ранчиња и училишен прибор, Општината како новина воведува доделување на субвенција во износ од 3.000 денари за секое прваче.
-Целта на оваа финансиска поддршка е на родителите да им се олесни покривањето на дел од трошоците поврзани со започнувањето на образовниот процес, како и да се овозможи посигурен и порамномерен старт за сите ученици, велат од Општината.
Средствата за спроведување на субвенцијата во целост се обезбедени од Буџетот на Општина Илинден, што, како што потенцираат, уште еднаш ја нагласува посветеноста на локалната самоуправа кон вложување во децата, семејствата и иднината на заедницата.
Во рамки на поддршката на млади семејства, неодамна се зголемени и финансиските надоместоци за новороденчиња, со што, нагласуваат од Општина Илинден, јасно се потврдува дека граѓаните се нејзин клучен приоритет и основа за долгорочен и одржлив развој. сст/вј/
Фото Општина Илинден