• четврток, 26 декември 2024

Општина Битола побара поддршка од Генералниот директорат за енергија на ЕК во Брисел за подобрување на енергетската ефикасност

Општина Битола побара поддршка од Генералниот директорат за енергија на ЕК во Брисел за подобрување на енергетската ефикасност

Битола, 30 септември 2022 (МИА)Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски побара поддршка од генеералниот директорат за енергија, кој е во состав на Европската Комисија, а со цел подобрување на енергетската ефикасност во битолскиот регион.

Проектните партнери од проектот „Бенефит“, финансиран од ИПА програмата за прекугранична соработка со Грција, во Брисел го посетија одделот за енергетска ефикасност при Генералниот директорат за енергија на Европската комисија и одржаа состанок со директорката на одделот за праведна транзиција Паула Пино, како и со Пјерлука Мерола и Едита Новак, задолжени за меѓународна соработка и финансирање.

Општина Битола бара со формирањето на „Just transition“, фонд за Западен Балкан, да биде формирана контакт точка за Северна Македонија со седиште во Битола, а проектите што ќе се реализираат од овој фонд да имаат партнери од Битола, потоа да се формира национален „Фонд за праведна транзиција“ и „Фонд за енергетска ефикасност и животна средина“ со седиште во Битола, како и да се утврди програма за финансирање од ЕУ за регионите Битола и Кожани од соседна Грција, поврзана со механизмот за праведна транзиција и зајакнување на регионалната соработка.

Од Општина Битола информираат дека на средбите во Брисел била побарана поддршка од ЕУ во барањето на локалната самоуправа насочено кон државата, за обесштетување на битолскиот регион, поради загадување со јаглен со 10 евра за мегават час електрична енергија произведена од РЕК Битола, во периодот додека се користи јагленот како енергенс. мт/мд/

Остани поврзан