• недела, 27 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Никола Затуроски избран за член на Регулаторната комисија за домување, Вецко Здравески за член на Комисијата за спречување од дискриминација

Никола Затуроски избран за член на Регулаторната комисија за домување, Вецко Здравески за член на Комисијата за спречување од дискриминација

Скопје, 8 април 2025 (МИА) - Пратениците во рамки на денешната 43. пленарна седница усвои неколку закони и изгласа одлуки за именување и разрешување на членови на институции. 

За член на Регулаторната комисија за домување е именуван Никола Затуроски, а за член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација Венцо Здравески.

Пратеничката на СДСМ, Славјанка Славјанка забележа дека Затуроски претходно е избран за член на Советот за граѓански надзор. Потенцира дека пред неколку месеци истото лице било претставено како експерт од областа на безбедноста, а сега како експерт од областа на архитектурата и градежништвото. Нагласи дека Затуровски нема познавање од оваа област за кое е предложен.

На ова реплицираше Јован Јаулески од ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека именуваното лице сам ги има повлечено документите за избор од Комисијата за Советот на граѓански надзор и не е во никаква процедура за избор во тоа тело. 

За Здравески, дипломиран политиколог од Кичево кој  беше избран за член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, пратеничката на Левица, Јована Мојсовска истакна дека е поранешен член на Комисијата за лустрација и осомничен во случајот „Моќник".

- Власта денес изгласа лице кое треба да ги штити граѓаните од дискриминација и да ги штити човековите права, додека токму за ова лице Европскиот суд констатирал дека ги прекршил човековите права, рече Мојсовска.

И според пратеничката на СДСМ, Јованка Тренчевска, Здравески не ги исполнува условите за да именуван член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. 

- Вецко Здравески е кандидат кој од сите лица кои беа дел од јавната расправа и интервјуата што ги спроведе собраниската Комисија за прашања на именувањата и изборите добил највисоки оценки. Трагично. Тој беше најслабиот кандидат на интервјуто. Најлошо се снајде со одговорите, рече Тренчевска.

Пратениците ги избраа и Ирфан Шаќири и Атанаско Тунески за членови на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и услуги на управување со комунален отпад.

Во рамки на седницата беше усвоена и одлуката за испраќање на припадници на Армијата за учество во меѓународната операција „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина. 

Пратениците на натамошно второ читање проследија неколку законски решенија. 

Собранието продолжи со работата по 42. пленарна седница, од чиј дневен ред беа повлечени Предлог-измените на Законот за заштита на децата, по скратена постапка од страна на пратениците од Коалицијата „Влен“.

По паузата, пратениците треба да продолжат со расправа по Предлог-измените на Законот за средно образование по скратена постапка. фф/бак/

Фото: Принтскрин од видео

Остани поврзан