Општина Аеродром објави конкурс за изработка за идејни решенија за две нови градинки
- Општина Аеродром информира дека денеска објави конкурс за изработка на решение за идејни проекти за изведба на две градинки.Краен рок за достава на конкурсните трудови е 12 декември 2022 год
Скопје, 4 ноември 2022 (МИА) - Општина Аеродром информира дека денеска објави конкурс за изработка на решение за идејни проекти за изведба на две градинки. Краен рок за достава на конкурсните трудови е 12 декември 2022 година.
Од општинската прес-служба соопштуваат дека станува збор за идејни проекти за двa модерни и современи објекти за згрижување на децата, од кои првиот ќе се наоѓа во населбата Лисиче, а вториот во непосредна близина на кулите Џевахир.
- Водејќи сметка за квалитетот на градбата, посебен акцент при изборот на идејно решение, како и самата изградба на градинките, се става на користењето на најсовремени и квалитетни материјали, енергетска ефикасност на објектот и обезбедување највисоки стандарди за згрижување и реализирање на квалитетен воспитно-образовен процес. Конкурсот е отворен за аплицирање од страна на физички и правни лица. Апликациите ќе бидат разгледани и оценети од стручна комисија составена од универзитетски професори од факултетот за архитектура, експерти и стручни лица во областа, посочуваат од Општина Аеродром. фф/ац/