• сабота, 16 ноември 2024

Опозицијата од Нови Сад повика на 14-минутна граѓанска непослушност в петок и блокади в недела

Опозицијата од Нови Сад повика на 14-минутна граѓанска непослушност в петок и блокади в недела

Белград, 13 ноември 2024 (МИА) - Новосадската опозиција денеска ги повика граѓаните на 15 ноември да прекинат со работа на четиринаесет минути и да го изразат своето незадоволство преку индивидуален протест и граѓанска непослушност бидејќи обвинителството се уште нема осомничени за падот на настрешницата на железничка станица во тој град, при што животот го загубија четиринаесет лица. Активистите од групите СвиЧе и СТАВ најавија протест и демонстрации во Нови Сад и в недела на 17 ноември напладне, каде ќе побараат одговорност за падот на настрешницата на железничката станица, јави дописникот на МИА од Белград.

Сите опозициски советнички групи во Градското собрание најавија дека во петок, кога се навршуваат четиринаесет дена од падот на настрешницата, граѓаните треба од 11:52 до 12:06 часот да покажат емпатија и солидарност со семејствата кои ги загубија своите најблиски.

-Доколку сте во кола застанете во 11:52, запалете ја светлосната сигнализација и излезете од колата, ако сте на работа излезете од зградата каде што работите на улица во тоа време, ако сте на факултет, напуштете ги часовите и вратете се подоцна, учениците тие 14 минути да ги поминат во училишниот двор, нека прогласат пауза лекарите во тој момент, приватните претприемачи исто. Секој во тоа време треба само да застане, бидејќи животот на тие 14 луѓе застана во секунда!, се наведува во повикот на опозицијата.

Оттаму посочуваат дека „обвинителството, кое е изложено на притисок и опструкции на властите“, се уште не прогласило никого за осомничен за трагедијата на Железничката станица, но оти тие „нема да дозволат режимот да ги заборави жртвите “.

Пратеникот и поранешен градоначалник на Нови Сад, Борислав Новаковиќ од Народното Движење на Србије (НПС), ги повика и другите градови во Србија во петок да застанат тие 14 минути.

Огласот го потпишаа НАДА за Нови Сад - Нови ДСС - ПОКС, Крени прамени - Нови Сад, Србија Центар - БРАВО Нови Сад, Националното движење на Србија - Еколошко востание, Партијата за слобода и правда (ССП) и Движењето за пресврт, Демократска партија (ДС), Движење на слободни граѓани (ПСГ) и Зелено левиот фронт, Граѓанската група Херои - Миша Бачулов и советник на Лигата на социјалдемократите од Војводина.

Во меѓувреме, групата СвиЧе и Став најавија дека во недела на 17 ноември ќе организираат протест и барикади на раскрсницата Булевар Јаша Томиќ и Булевар на ослободувањето пред Железничката станица во Нови Сад.

-Дотогаш го поддржуваме повикот на новосадската опозиција дека во петок, на 15 ноември, „14 дена по злосторството, сè да застане на 14 минути – од 11:52 до 12:06 часот“, наведуваат во соопштенето, додавајќи дека продолжат понатаму се додека не се исполнат сите барања и ослободување на уапсените. об/ссм/

Остани поврзан