Опозицијата бара лидерска средба и оставки, власта повикува да не се наседнува на провокации
- По тензиите што ги предизвикаа инцидентите поврзани со прославата на Денот на албанското знаме, од опозициските партии бараат лидерска средба и оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Од власта, пак, повикуваат на смиреност и граѓаните да не подлегнуваат на провокации, нагласувајќи дека институциите работат и дека одговорните за инцидентите, ќе бидат изведени пред лицето на правдата.
Скопје, 1 декември 2024 (МИА) – По тензиите што ги предизвикаа инцидентите поврзани со прославата на Денот на албанското знаме, од опозициските партии бараат лидерска средба и оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Од власта, пак, повикуваат на смиреност и граѓаните да не подлегнуваат на провокации, нагласувајќи дека институциите работат и дека одговорните за инцидентите, ќе бидат изведени пред лицето на правдата.
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски испрати порака до граѓаните за единство и смиреност и да не паѓаат на провокации, посочувајќи дека МВР работи на расчистување на случаите.
- Министерството за внатрешни работи, Бирото за јавна безбедност и СВР Скопје реагираа многу трезвено без да ескалира тоа, без да настанат инциденти, а сите оние сторители на кривично дело согласно членот 319 од Кривичниот законик веднаш беа лишени од слобода, извадени пред јавен обвинител и од сега па натаму е веќе судски процес на кој ние како Влада не можеме да влијаеме. Но, исто така предупредувам дека тој член 319 од Кривичниот законик се однесува не само за државното знаме, туку и за знамиња на други држави. Затоа повикувам на смиреност, да не бидеме жртви на провокација, рече Мицкоски, кој вчера беше во посета на неколку населени места во тетовско.
Според Мицкоски, вакви работи ќе се случуваат затоа што, како што кажа, „овие луѓе се исплашени за милионите кои ги спечалија на грбот на обичниот народ и сега знаат дека доаѓа време за правда, правдата е бавна но таа доаѓа“.
- Знам дека постои една изолирана политичка група која изминативе пет, сега веќе шести месец тешко се навикнува после повеќе од две децении во власта да биде во опозиција, но она кое што нив ги вознемирува е фактот дека можеби правдата е спора, но полека се доближува до нив. Тие се свесни што правеа овие две децении и бидејќи знаат што правеа, стануваат уплашени и единствената алатка која што им останува на располагање е токму кое што вие го споменавте, раздорот, обидот за прадизвикување меѓуетнички тензии, итн. Тоа нема да го дозволиме, потенцира Мицкоски.
Тој потсети дека предупредувал на вакви сценарија уште од пред неколку месеци и рече дека ова нема да биде последниот обид.
- Ќе има и други обиди за ексалација, за меѓуетнички тензии итн, дури и ова што се случуваше пред неколку дена од наша страна беше превенирано и антиципирано и беа предупредени сите релевантни фактори и нашите стратешки партнери, рече Мицкоски.
Од опозициската СДСМ побараа итно одржување на лидерска средба со лидерите на сите парламентарни партии од која ќе се испратат јасни пораки за безбедноста на државата.
- Лидерската средба пред сè треба да прати неколку пораки, тоа се пораки на мир и на стабилност, да испратиме порака дека државата е стабилна. Граѓаните сакаат да ги видат политичарите заедно на маса, сите лидери на парламентарните партии, сите заедно да испратиме една порака каде што ќе наведеме дека Македонија останува стабилна држава и дека сме посветени на мирот и на соживот. Ја видов реакцијата на премиерот Мицкоски дека размислува, се надевам дека ќе размисли убаво и дека ќе има лидерска средба, бидејќи на државата во моментов и треба една лидерска средба со јасни пораки кон граѓаните да бидат смирени во делот на настаните коишто се случуваа“, рече генералниот секретар на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Александар Димитријевиќ, во вчерашната „Тема на денот“ на телевизија Сител.
Во однос на ставовите на премиерот Мицкоски за дестабилизација на државата, Димитријевиќ посочи дека не треба да се влегува во приказната за дестабилизација, но дека СДСМ изминатиот период континуирано алармирал на нестабилност и насилство на улиците.
Премиерот Мицкоски, коментирајќи го барањето на СДСМ за лидерска средба, рече дека ќе размисли на таа тема и дека доколку навистина има аргументи кои одат во таа насока, не е проблем да свика лидерска средба, но дека во моментот не гледа причина за такво нешто.
Од опозициската ДУИ побараа итна и неотповиклива оставка на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и на неговиот заменик Астрит Исени за инцидентите на Денот на албанското знаме, а доколку оставки нема, најавија дека деновиве во Собранието ќе покренат интерпелација за министерот за внатрешни работи и за заменик-министерот.
- Кога се пали албанското национално знаме и провокациите спрема Албанците поминуваат без никаква казна, додека полициското насилство спрема една традиционална манифестација завршува со казнување само на Албанците, станува јасно дека таквиот пристап е намерен за да се навредува и омаловажува една цела нација. Огорчени и загрижени од насилството и омаловажувањето на знамињата од страна на сомнителните групации кои не и посакуваат добро на оваа држава и посебно од неодговорниот, непрофесионалниот и поттикнувачкиот однос на државната полиција, ДУИ апелира до сите граѓани да бидат мирни и да избегнуваат било какви провокации во наредниот период од страна на одредени структури кои работат против мирот и стабилноста на нашата земја и на целиот регион, рече на прес-конференција потпретседателот на ДУИ, Бајрам Реџепи.
Тој побара од институциите неселективно да ги донесат пред лицето на правдата сите одговорни на овие, како што посочи, срамни и монструозни случувања.
Премиерот Мицкоски вчера во изјава за медиумите рече дека опозицијата има право да поднесува интерпелација, но дека тој не гледа логика во таквото нивно барање.
- Апсолутно не гледам логика во тоа нивно барање бидејќи еден дел од опозицијата вели не постапувале, друг дел вика премногу жестоко постапувале. Навистина пораките од коалициската опозиција ДУИ- Левица- СДСМ се малку збунувачки. Понекогаш и се чудам кој ги пишува тие пораки. Да не некој им сместува ваков тип на пораки, рече Мицкоски.
Потпретседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, порача дека ќе одговараат сите и нема да има компромис кон ниту едно лицо кое го прекршило законот, укаувајќи дека во регионот има деструктивни сили кои сакаат да дестабилизираат.
- 28 ноември или отпочинувајќи од 22 ноември – Денот на албанската азбука беше прославено како никогаш досега, со свечен седница на Владата и други настани и прослави се до завршување со концертот на плоштадот Скендербег. Евидентно е дека во регионот има деструктивни сили кои сакаат да дестабилизираат како што е случајот во Митровица. За време на прославата се течеше добро, но тоа не им годеше на некои и за жал злоупотребија млади луѓе за да не биде се како што треба. Најодговорно како прв заменик премиер тврдам дека сите оние кои згрешиле по член 319 ќе одговараат. И тие кои запалија и сквернавеа државно знаме, и тие со албанското знаме во Прилеп, ќе добијат кривични пријави. Ќе се покрене дисциплинска постапка за полицаецот од Куманово кој место да држи ред и мир, се бави со знамињата што не е негова одговорност. Тоа е одговорност на општината или на јавното претпријатие кое ги поставува и ги отстранува знамињата, а во овој случај не беше така, рече Меџити.
Во однос на најавената иницијатива на ДУИ за интерпелација за министерот Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени, вицепремиерот рече дека треба да се остават институциите да го расветлат случајот и ситуацијата и на крај, како што кажа, ќе бидат евидентни одговорите зошто баш тие луѓе некако се поврзуваат токму со овие што покренуваат интерпелација.
- Треба да оставиме на органите да го расветлат случајот и ситуацијата и на крај ќе бидат евидентни одговорите зошто баш тие луѓе некако се поврзуваат токму со овие што покренуваат интерпелација, се вработени во нивните претпријатија и ред други работи. Подобро е прво јавноста да се соочи со аргументите, фактите кој и како делувал во текот на прославата. Никој не е казнет зошто има прославено или уважил некое знаме, туку напротив сите ќе бидат казнети кои го прекршиле законот. Ќе оставиме на органите да ги дадат информациите, но случајно или не испаѓа дека се луѓе блиски до ДУИ, работат во нивните јавни претпријатија каде што се нивни директори и се сликани со нив, рече Меџити.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, вчера на прес-конференција информираше дека за серијата инциденти поврзани со сквернавењето на националните симболи лишени од слобода се вкупно 17 лица, меѓу кои и малолетници, во различни градови низ државата. Тој истакна дека според информациите од безбедносните служби, немало индиции за можни инциденти, во врска со прославите на Деновите на Албанската азбука и знаме.
- Информациите што ги имам се дека од страна на Агенцијата за национална безбедност, по поднесено барање од страна на МВР, е добиен одговор дека нема индиции за немили настани при вчерашниот ден и прославата што се однесуваше на Денот на албанското знаме и Денот на албанската азбука. Полицијата многу добро изреагира, разумно и одлучно, посочи Тошковски и увери дека МВР ги има сите потребни институционални капацитети да одговори на сите предизвици.
Во однос на барањето за оставка и интерпелација од ДУИ, министерот рече дека е легитимно тие да бараат оставка од одреден член на Владата. - Добро е да се одговори на јавноста со одговори што се вистинити и ќе бидат во насока на реалноста и вистината. Се срамам од тоа што во Македонија имаме опозиција на ниво на сегашното ДУИ и СДСМ. Легитимно е тие да бараат оставка од одреден член на Владата, но, срамно е со манипулации и лаги да се обидуваат да ја свртат вистината, знае народот што се случува, рече Тошковски. вг/бак/
Фото: МИА архива