• среда, 25 декември 2024

ОН го повикаа претседателот на Уганда да не го потпишува драконскиот анти-ЛГБТ закон

ОН го повикаа претседателот на Уганда да не го потпишува драконскиот анти-ЛГБТ закон

Кампала, 22 март 2023 година (МИА) - Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации Фолкер Турк денеска го повика претседателот на Уганда, Јовери Мусевени, да не го потпишува законот против припадниците на ЛГБТ заедницата во таа земја , кој предвидува екстремно строги казни за некои хомосексуални престапи вклучувајќи смрт и доживотен затвор.

„Усвојувањето на овој дискриминаторски закон - веројатно најлошиот од ваков вид во светот - е длабоко вознемирувачки“, рече Турк во изјавата.

Парламентот на Уганда среде ноќ го изгласа контроверзниот закон и во последен момент беа направени измени во него, што го направи драконски. Во првобитниот текст на предлог-законот затворските казни беа најмногу до 10 години, но тие се зголемени.

Усвоената верзија го содржи кривичното дело „тешка хомосексуалност“, кое предвидува смртна казна во случај на сексуални односи со лица заразени со ХИВ вирусот, малолетници и припадници на други ранливи категории на население.

Според законот, „тешка хомосексуалност во обид“ се казнува со затвор до 14 години, а „хомосексуалност во обид“ до 10 години затвор.

За извршено дело „хомосексуалност“ се предвидува доживотна казна затвор, која беше пропишана со кривичниот законик на Уганда од колонијалната ера за „неприродни сексуални дејствија“.

Законот беше предложен минатиот месец од опозициски пратеник со цел да се казни, како што рече, „промоцијата, регрутирањето и финансирањето“ на ЛГБТ активностите во источноафриканската земја каде што хомосексуалците се подложни на големо исмејување и понижување..

Претседателот Мусевени, кој или ќе стави вето на законот или ќе го потпише, во неодамнешниот говор јасно стави до знаење дека ја поддржува спорната регулатива и обвини неименувани западни земји „за обид да ги наметнат своите практики на другите нации“.

Волкер Турк рече дека законот, доколку го потпише Мусевени, ќе ги „претвори ЛГБТ луѓето во криминалци“ со самиот факт дека постојат. ссм/

Остани поврзан