• четврток, 26 декември 2024

Од вкупно 132 поднесени жалби за непрофесионално известување до СЕММ, дури 110 се однесуваат на онлајн медиумите

Од вкупно 132 поднесени жалби за непрофесионално известување до СЕММ, дури 110 се однесуваат на онлајн медиумите

Скопје, 15 јануари 2024 (МИА) - Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) на денешната презентација на годишниот преглед на примени жалби за непрофесионално известување на медиумите за 2023 година соопшти дека од вкупно примените 132 жалби, дури 110 се однесуваат на онлајн медиумите, за кои беше посочено дека се најбројни во земјава, но и најчести прекршители на правилата за одговорно известување.

Според статистичкиот преглед на Советот за етика во медиумите на Македонија од примените 132 жалби, за 61 се донесени одлуки и мислења во коишто е прекршен кодексот на новинарите, за 41 жалба е донесено одлука дека се неосновани, 5 жалби се решени по пат на медијација и за 20 жалби не е започната постапка.

Претседателот на Комисијата за жалби при СЕММ, Мирче Адамчевски, посочи дека бројот на примени жалби во 2023 година во однос на претходната година е двојно зголемен, односно во 2022 година добиени се 78 жалби.

-Најчести подносители на жалби во 2023 година се граѓани, тоа нас како СЕММ не радува, значи Советот е едно видливо тело на кое можат да му се обратат граѓаните и да поднесат жалби за непрофесионално однесување на медиумите. После граѓаните доаѓаат невладините организации, што значи и тие си ја вршат својата работа како чувари на она за што се залагаат, рече Адамчевски.

Граѓаните како најчести подносители на жалби за непрофесионално известување на медиумите во 2023 поднеле 53 жалби, потоа од страна на невладините организации поднесени се 35 жалби, новинарите поднеле 22 жалби и останатите се поднесени од политички партии, приватни компании, носители на јавни функции, правни застапници и други.

Трите најпрекршувани членови од кодексот на новинарите во 2023 година, според статистичкиот преглед на СЕММ, се член 1, член 10 и член 7, дури во 31 жалба е прекршен членот 1, кој гласи „Неточни и непроверени информации, немање втора страна и отсуство на најмалку два меѓусебно неповрзани извори“, потоа во 15 жалби е донесено одлука за прекршување на член 10 кој гласи „Говор на омраза и поттикнување насилство или дискриминација врз која било основа“, како и во 8 жалби се нотира прекршување на член 7 кој гласи „Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес. Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост“. ра/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан