Одложено денешното рочиште од судскиот процес што пред Основниот суд во Охрид се води за случајот Пендиков
- Причина за одлагањето беше тоа што застапникот на одбраната се уште не го добил обвинителниот акт против второобинветиот во процесот.
Охрид, 26 октомври 2023 (МИА) – Пред Основиот суд во Охрид и денеска не се одржа закажаното рочиште од процесот што се води предметот во врска со нападот врз Христијан Пендиков, секретарот на бугарскиот културен клуб во Охрид.
Причина за одлагањето беше тоа што застапникот на одбраната се уште не го добил обвинителниот акт против второобинветиот во процесот.
Во судницата беа присутни оштетениот Пендиков, првообвинетиот во предметот Илија Спасески и за првпат и второобвинетиот Борче Ангелов од Битола.
Застапникот на двајцата обвинети, адвокатот Димитрија Цобоски, рече дека не му е позната содржината на обвинението за второобвинетиот.
- Обвинителот поднесе обвинение и против вториот обвинет во предметот. Мене не ми е позната содржината на тоа обвинение, не ми се познати доказите, добив покана само за предметот против првообвинетиот, така што потребно е време да се подготвиме и да ги провериме доказите и да ја подготвиме одбраната, рече тој.
Судијата Бојан Мартиноски на денешното рочиште појасни дека за двајцата обвинети ќе се води една судска постапка, а дека околностите под кои се случила тепачката ќе се докажуваат на следните рочишта.
Основното јавно обвинителство од Судот побара на второобвинитетиот Ангелов да му се одземат пасошот и личната карта, за да не може да ја напушти државата.
Адвокатот Стефан Камишевски, застапник на оштетениот, немаше коментар на денешната одлука на Судот да го одложи денешното рочиштето, изразувајќи уверување дека веќе на следното рочиште ќе почне постапката со изведување на предложените докази, како на обвинителството така и на одбраната.
Следното рочиште од процесот е закажано за 1 декември.
Инцидентот со Христијан Пендиков се случи на 19 јануари пред угостителски објект на Кејот на езерото во Охрид. Случајот предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје. Пендиков беше префрлен на лекување во Бугарија, каде доби и бугарско државјанство кое му беше врачено од потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова. аб/лв/
фото/МИА