Обука на Регионалната иницијатива против корупцијата: За заштита на животната средина, освен добри закони, потребни се нивно имплементирање и повисока јавна свест
- Сите велат сакаат чиста животна средина, но реалноста е поинаква, порача денеска австрискиот амбасадор Мартин Памер во воведното обраќање на обуката за претставници на Секторот за заштита на природата/биодиверзитетот во областа на процена на ризикот од корупција (ПРК)“, организирана од Регионалната иницијатива против корупцијата (РАИ). Амбасадорот, нагласувајќи дека темата за крстопатот помеѓу животната средина и корупцијата е мошне важна, истакна дека тој често среќава лица што работат во сферата на борбата против корупцијата, но на терен, како што рече, ситуацијата е поинаква.
Скопје, 4 март 2026 (МИА) - Сите велат сакаат чиста животна средина, но реалноста е поинаква - порача денеска австрискиот амбасадор Мартин Памер во воведното обраќање на обуката за претставници на Секторот за заштита на природата/биодиверзитетот во областа на процена на ризикот од корупција (ПРК)“, организирана од Регионалната иницијатива против корупцијата (РАИ). Амбасадорот, нагласувајќи дека темата за крстопатот помеѓу животната средина и корупцијата е мошне важна, истакна дека тој често среќава лица што работат во сферата на борбата против корупцијата, но на терен, како што рече, ситуацијата е поинаква.
Тоа, додаде Памер, е резултат на корупцијата, лошото менаџирање и партиските вработувања, кои, како што посочи, за жал, се честа навика.
Австрискиот амбасадор предложи да се размисли за идејата за воведување некаков вид тело, на локално или централно ниво, во кое ќе може да се пријавуваат, на пример, диви депонии и да се врши едукација на граѓаните во однос на животната средина со цел да се влијае врз промена на целокупниот менталитет.
Тој истакна дека заштитата на животната средина е повеќеслојно прашање - од добро законодавство, администрација, имплементација, па сè до подигање на свеста - и додаде дека Австриската агенција за развој силно го поддржува ова прашање. Нагласи дека во регионален контекст тоа не е интерес само на Австрија бидејќи, како што рече, стабилноста, безбедноста, напредокот и просперитетот во Југоисточна Европа е стратешка цел, а во тој контекст е и интеграцијата во Европската Унија.
Поздравувајќи го министерот за животна средина Муамед Хоџа, кој од оправдани причини не беше присутен на настанот, Памер посочи дека една држава може да ги има најдобрите закони, но, пред сè, потребна е имплементација.
- Можете да ги имате најдобрите правила, закони и намери, можете да најавувате што било, но најважни се делата, како ги спроведуваме законите, како се грижиме за нашата животна средина секојдневно и тоа треба да се заснова на сигурност, отчетност, одговорност и сериозност, кои се неопходни за подобра иднина на државата, но и пошироко - рече австрискиот амбасадор.
Тој нагласи дека сите треба да веруваат во Северна Македонија и дека нејзината иднина е во Европската Унија.
- Луѓето често се премногу депресивни, велат ништо не се движи напред, блокирани сме, некои високи функционери ми велат дека ЕУ и вие ни ги затворате вратите, тоа не е вистина, вратите се ширум отворени. Фактите велат дека македонското законодавство е веќе усогласено со она на ЕУ за речиси 40 отсто, а 90 отсто од трговијата и бизнис-релациите се со ЕУ и нејзините членки и сите тие разговори за стратешки партнери, кои се далеку или некаде на друго место се помалку матни, бидејќи ние сме Европа и мораме да размислуваме како заедно да постигнуваме напредок - рече Памер.
Директорот на РАИ, Алберт Хани, пред присутните потсети дека оваа институцијата е меѓувладина дипломатска мисија, која е основана уште пред 25 години во рамките на Пактот за стабилност во ЈИЕ со задача и мандат да се грижи во борбата против корупцијата и да им помогне на државите од ЈИЕ заеднички да прават напори за елиминирање на корупцијата и да се креираат нови вредности и нова култура на интегритет, која силно ќе се бори против корупцијата.
- Кога зборуваме за интегритетот, би сакал да спомнам дека тоа е директно поврзано со довербата во институциите. Нашата процена е дека неколку сектори се најчувствителни и заслужуваат повеќе внимание во однос на градењето на оваа доверба кон институциите - рече тој и додаде дека таа недоверба на граѓаните е поголема особено кон институциите, кои имаат поголеми дискрециони права и кои сè уште не се ослободени од политичките влијанија - рече Хани.
Тој нагласи дека корупцијата живее во екосистеми на придобивки, на дискреција и влијание, каде што не се јасни границите меѓу должностите и интересите. Истакна дека целта на оваа обука е да се креираат системи, кои навремено ќе алармираат на постоење можност за корупција.
- Животната средина е еден од најважните сектори, најчуствителни и најбогати сектори во Југоисточна Европа, сектор што најмногу е изложен на корупција, сектор што во исто време оперира со големи нејасности во однос на правната регулатива, во однос на должностите и обврските на вработените - рече Хани и додаде дека тој сектор мора да се зајакне.
Нагласи дека, според податоците на Евроџаст, еколошкиот криминал е еден најпрофитабилните и најмалку процесирани во Европа.
Никола Прокопенко, државен советник во Министерството за правда, нагласи дека моментот на одржување на овие настани е вистински бидејќи и на меѓународно ниво има зголемена продукција на правни инструменти во оваа област.
Тој тука ги спомена Директивата на ЕУ од 2024 за заштита на животната средина преку казнено право и на последниот меѓународно правен инструмент, Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на животната средина преку казненото право.
Потсети дека тој активно учествувал како претставник на земјата во изготвување на Конвенцијата на СЕ и изрази уверување дека како држава ќе бидеме едни од првите што ќе ја потпишат и ратификуваат.
- Во тој контекст ја гледам и организацијата на овој настан, од овие два правни инструмента ќе произлезе потребата за усогласување на нашето законодавство со најновите меѓународни стандарди содржани во нив и многу поважно е дека сето тоа ќе мора да се примени во пракса - нагласи Прокопенко.
Оваа дводневна обука се организира во рамките на регионалниот проект „Југоисточна Европа заедно против корупцијата 2“, кој се спроведува во партнерство со Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC), а е финансиран од Австриската развојна агенција (АДА), односно меѓународното партнерство на Австрија. Првиот ден од обуката ќе биде посветен на процената на корупциските ризици, а вториот ден ќе биде резервиран за процена на корупциските ризици во законодавството.
Преходно, РАИ организира обуката за претставници на полицијата и МВР во областа на процената на ризикот од корупција и проверка на законодавството за спречување корупција. ац/са/
Фото: принтскрин