• вторник, 16 декември 2025

НФФ: Ниски откупни цени, неорганизиран пласман и нелојална конкуренција што го има монополот на пазарот за откуп остануваат меѓу предизвиците во земјоделството

НФФ: Ниски откупни цени, неорганизиран пласман и нелојална конкуренција што го има монополот на пазарот за откуп остануваат меѓу предизвиците во земјоделството

Скопје, 16 декември 2025 (МИА) - Она што може да се дефинира како значајни проблеми и предизвици во делот на пласманот на земјоделското производство се ниски откупни цени, неорганизираност кај самите земјоделци, нелојална конкуренција што го има монополот на пазарот за откуп, непостоење на договорно производство, недостиг на едукација и инвестирање во нови технологии од страна на земјоделците, недостиг на едукација за претприемништво и непостоење на фунционални форми на економско здружување на земјоделците. Ова го истакна претседателот на Националната федерација на фармери (НФФ), Стеванче Јорданоски, на денешната прес-конференција, на која тој даде осврт за состојбата во земјоделството за 2025 година и препораки за предизвиците во 2026 година.

Јорданоски информираше дека НФФ преку својот секторски систем за лобирање и оваа година ги анализирала состојбите во земјоделството. И понатаму останувал голем предизвик и проблем - неорганизираниот пласман. Она што најмногу го погодувало македонскиот земјоделец, вели, биле ниските откупни цени и овој тренд бил забележителен во последните десет години, што ги доведувало примарните земјоделски производители во ранлива положба во поглед на стопанските и деловните активности, како и нивниот животен стандард.

- Голем проблем за нас, земјоделците, е миграцијата и непостоење интерес кај младите да се занимаваат со земјоделство. Загрижувачки е податокот дека миграцијата на граѓаните од руралните средини кон градовите и европските држави достигна 50 проценти високо ниво. Според Пописот во 2021, Северна Македонија се соочува и со изразена регионална нерамномерност на населението помеѓу урбаните и руралните средини. Во земјава доминира урбаното население со вкупно 1 131 356 жители - или 61.6 отсто, додека во руралните средини живеат 705 357 жители - или 38.4 проценти, соопшти Јорданоски.

Тој рече дека малите и економски слаби рурални општини имале значителни проблеми за одржување на квалитетот и пристапот до основните услуги, како што се здравствените, образовните и социјалните услуги, особено за населените места со помал број жители, што резултирало со поголемо незадоволство од квалитетот на животот кај руралното население.

Притоа, истакна дека еден од најголемите проблеми во земјоделскиот сектор во земјата било стареењето на работната сила и немање работници.

- Мораме да истакнеме дека во сите земјоделски сектори имаме недостиг на работна сила и во најголем процент во земјоделскиот сектор се останати работници на возраст од 50 години. Таков тренд е наметнат каде што земјоделството е неатрактивна работа и не сакаат да бидат работници во овој сектор. Тоа негативно се одразува на продуктивноста односно се намалува производството од една страна и сите земјоделци се снаоѓаме како што знаеме, со зголемен обем на работа и дополнителни нервози и стресови, нагласи Јорданоски.

За да се поддржат земјоделците, посебно младите, рече дека е потребно да се инвестира во инфраструктура, поголема работа и ангажман на руралните општини во насока на решавање на проблемите, образование и обука на младите лица во земјоделство и агроиндустрија, воведување нови технологии на производство. Кампањите за промоција на земјоделството и неговите предности, заедно со поволни кредити и поддршки за почеток на земјоделски бизниси и живот во рурални средини, биле исто значајни за развојот на руралните средини и одржливост на земјоделството.

Тој се осврна и на негативните влијанија од климатските промени.

Јорданоски говореше и за неколкуте важни чекори оваа година - донесената Национална стратегија за консолидација на земјиштето 2025-2035 година.

- Добро е што веќе се воспостави практика секоја година да се објавува и да се дава приоритет на мерката 112 за младите земјоделци од Програмата за рурален развој. Значајно е ревидирањето на Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2021-2027 и што се подготвува нов Закон за земјоделство и рурален развој. Како НФФ, активно учествувавме во неговото креирање и дефинирањето на делот на организации на производители кои се добра економска форма на здружување на сите чинители во земјоделскиот сектор и тој пример, ние го видовме и во Хрватска каде што се здружени сите заедно и производители, компаниии, задруги и здруженија, подвлече претседателот на НФФ.

Јорданоски додаде дека добро е што новиот закон ќе биде усогласен со директивите на ЕУ и ќе стави акцент на заеднички настап на пазарите, економските форми на здружување, справувањето со климатските промени, младите и дефинирањето на земјоделството како вистинска професија.

- Континуирано се спроведува Програмата за поттикнување на потрошувачка на свежо овошје, што ќе продолжи и во 2026 година, обезбедувајќи свежо овошје за децата во предучилишна возраст. Ние, како Федерација, дадовме значаен придонес при воспоставувањето на оваа програма, со поддршка од Шведска и We Effect. Таа веќе станува двигател за формирање групи на производители, процес што треба да прерасне во системско решение, истакна Јорданоски.

Особено охрабрувачки било што сè поголем број земјоделци, кои навистина живеат од земјоделството, се регистрираат како мали оператори со храна, додавајќи вредност на своите производи.

- Тука ја поздравуваме и кампањата „Македонско најдобро“ на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и двете големи саемски манифестации што беа организирани во рамки на кампањата. Ова се мерки што директно го јакнат економскиот капацитет на земјоделците, особено на младите и на жените. Колку е важна оваа поддршка, се потврди и на нашиот саем на 13 декември, што го организиравме со поддршка на Шведска и We Effect. Се покажа дека постои реална побарувачка за македонски земјоделски производи, само треба да се изградат стабилни пазарни врски, нагласи Јорданоски.

Тој додаде дека мора да се унапреди економскиот и социјалниот статус на жените земјоделки и земјоделците.

- Во таа насока, како Федерација силно се залагавме за донесувањето и промоцијата на Програмата за поддршка за социјална сигурност на жените кои вршат земјоделска дејност. Оваа програма се применува веќе трета година и ќе продолжи сè додека не се воспостави трајно системско решение. Благодарение на заедничките напори, прагот на приход за остварување право во Програмата за 2025 година беше намален од 300.000 на 150.000 денари, а прагот за финансиска поддршка, согласно Програмите за финансиска поддршка во земјоделството - се намалени од 100.000 на 50.000 денари. Ова е чекор напред што ќе им овозможи на многу повеќе регистрирани земјоделки да ги искористат средствата што им следуваат за мајчинство. Со оваа програма, земјоделките конечно добија право на платен надоместок кога поради раѓање, се спречени да ја вршат земјоделската дејност. Станува збор за индивидуални регистрирани земјоделки, кои не се опфатени со прописите за породилно отсуство од работни односи, проблем што трае повеќе од три децении, а за првпат се решава на системски начин, посочи Јорданоски.

Од името на Федерацијата, тој укажа на повеќе клучни приоритети за следната година. Рече дека потребна е засилена поддршка за јакнење на економските форми на здружување, како што се организации на производители и земјоделските задруги. Навремената исплата на субвенциите и поддршките од Програмата за рурален развој, рече дека се значајни за развој на земјоделскиот сектор.  

- Го поздравуваме реагирањето на институциите за случаите на злоупотреба на ИПАРД програмата. Сметаме дека истрагата треба да се спроведе докрај и да се изречат соодветни санкции. Тоа е во интерес на сите и на земјоделците и на земјоделските компании, кои се најголеми корисници на ИПАРД. Овие средства се наменети за развој и модернизација на земјоделството и руралните средини, а не за злоупотреба, подвлече Јорданоски.

Претседателот на НФФ на прес-конференцијата говореше и за потребата од силни едукативни кампањи.

- Во насока на укажување дека домашното производство мора да се зачува и зајакне, НФФ ја спроведува и кампањата „Купувајте домашни земјоделски производи“. Целта е да се поттикне зголемување на потрошувачката на домашните производи на домашниот пазар. Ние ќе продолжиме со активностите за подобрување на економскиот и социјалниот статус на земјоделките и земјоделците, како и со едукацијата и информирањето за развој на земјоделските стопанства, додаде тој на денешната прес-конференција. бд/вг/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан