• среда, 18 декември 2024

Ново ниво на ескалација во односите меѓу Турција и Западот

Ново ниво на ескалација во односите меѓу Турција и Западот
26 октомври 2021 Дојче Веле Турскиот претседател Ердоган се закани дека ќе протера десет амбасадори на западни земји, вклучително и седум членки на НАТО. Засегнатите земји во неделата разговараа за соодветен одговор на Ердоган. За што се работи? Во понеделникот вечерта амбасадорите на Германија, Франција, Холандија, Данска, Норвешка, Шведска, Финска, како и на Соединетите Американски Држави, Канада и Нов Зеланд упатија апел во кој бараат брзо ослободување на турскиот претприемач и спонзор на културата, Осман Кавала. Кавала (64) е во истражен затвор уште од 2017 година, иако Европскиот суд за човекови права нареди Турција да го ослободи во 2019 година.
Судска одисеја     Кавала не е политичар и нема политички амбиции. Со неговото културно спонзорство, сепак, тој стана антитеза на Ердоган и негова мета. Со својата фондација Кавала обезбедува платформа за културните работници, но и за малцинствата во Турција. Ердоган и државните медиуми го споредуваат Кавала со Џорџ Сорос. Истовремено, тие сугерираат дека странски играчи прават заговор против Турција. - Во Турција поради коронавирусот беа ослободени 90.000 затвореници, но не и новинари и политички затвореници. Притисокот врз оние кои мислат поинаку ќе се зголемува се додека Ердоган е претседател, порачува Хуља Шенк. Осман Кавала прво беше обвинет за иницирање и финансирање на протестите во 2013 година во паркот „Гези“ во Истанбул, кога турските граѓани демонстрираа против растечкото влијание на турскиот претседател Ердоган и систематското поткопување на принципот на „таткото на нацијата“ Кемал Ататурк за остра поделба меѓу секуларната и верската моќ и живот. Тој беше ослободен од тие обвиненија од судот во Турција во февруари 2020 година, а според пресудата на Европскиот суд требаше да биде ослободен. Но, беше издадено ново обвинение - овојпат дека бил вмешан во пучот на 15 јули 2016 година. Во обвинението се зборува за политичка и воена шпионажа, тероризам, заговор, поткопување на режимот и слично. Повторно беше отворен и „процесот Гези“. Кавала и 50 други обвинети имаат сослушување во Истанбул на 26 ноември. Во знак на протест против обвинувањата на Ердоган, Кавала во петокот преку своите адвокати стави до знаење дека повеќе нема да присуствува на судските рочишта. Под овие околности веќе не е можно фер судење, велат адвокатите. Ердоган експлодираше На апелот на амбасадорите веднаш следеше жестока реакција на Реџеп Таип Ердоган. „Кои сте вие воопшто? Дали мислите дека можете да и држите лекции на Турција?“ Така го цитираа турските медиуми.   Во турското Министерство за надворешни работи во вторникот беа повикани амбасадорите на соодветните земји. Германскиот амбасадор Јирген Шулц испрати свој претставник. Во таа прилика апелот на амбасадорот беше критикуван како мешање во внатрешните работи и јасно беше посочено дека тоа е „неприфатливо“. Тоа само по себе е сериозен дипломатски чекор. Но, Ердоган не застана тука.
Во саботата во Ескишехир, западна Турција, Ердоган рече дека дал соодветни инструкции на Министерството за надворешни работи да прогласи десет амбасадори за непожелни - со дипломатски речник „персона нон грата“. Таквиот чекор обично значи дека следи протерување на дипломатите. Ердоган не постави никаков рок - вообичаено е во такви ситуации на амбасадорите да им се даде рок од 48 часа.
Провладиниот дневен весник „Таквим“ за секој случај на насловната страница објави фотографии од десет дипломати со нивните имиња и на турски напиша: „10 чао“. Очите вперени во Чавушоглу Од кругови на Министерството за надворешни работи во Берлин е кажано: „Ги земавме предвид изјавите на турскиот претседател Ердоган и известувањето за тоа и во моментов сме во интензивни консултации со девет други погодени земји. Американскиот Стејт департмент соопшти дека е побаран „јасен став од Министерството за надворешни работи на Турција“.   Очите сега се вперени во турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, кој моментално се наоѓа во Јужна Кореја. Доколку ги следи инструкциите на својот шеф, тоа би бил драстичен чекор што во голема мера ќе ги оптовари односите меѓу партнерите во НАТО Турција и ЕУ и САД - една недела пред самитот на Г20 во Рим. Ердоган всушност се надева на таа можност - билатерална средба со американскиот претседател Џозеф Бајден.
Германската канцеларка Ангела Меркел неодамна (16.10.2021) беше во проштална посета на Турција. Германските политичари остро го осудуваат потегот на Ердоган. Потпретседателката на Бундестагот, политичарката на Зелените, Клаудија Рот бара санкции и прекин на извозот на оружје во Турција. паг/
 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан