• сабота, 28 декември 2024

Новогодишен прием во Амбасадата на Република Северна Македонија во Тирана

Новогодишен прием во Амбасадата на Република Северна Македонија во Тирана

Дебар, 27 декември 2024 (МИА) - Вршителот на должноста амбасадор, Луфтим Спахиу, во македонската амбасада во Тирана, организираше новогодишен прием за претставници на македонското национално малцинство кои живеат во Тирана.

- Во чест на македонското национално малцинство во Тирана, кое претставуваат важен дел од мултикултурната структура на градот, придонесувајќи со својата историја, култура и традиција, а по повод новогодишните празници, организиравме мал но значаен прием, објави Амбасадата.

Се додава дека Македонците во Албанија, живеат главно во регионите на Мала Преспа, Голо Брдо, Гора, но ги има и во многу други градови на Албанија. 

Тие се горди на своите корени и култура, но истовремено се и лојални граѓани на Албанија.

Преку политичката партија МАЕИ, преку нивните друштва, весници и портали, како што се „Илинден“, „Сонце“, „Преспа“ и многу други, тие се активни и гласни во своите барања за зачувување на мајчиниот јазик, култура и традиција. 

- Амбасадата, им посака среќна и успешна Нова година, каде што секој нов ден биде можност за нови успеси и убави моменти. Што и да донесе иднината, заедно може да ја направиме подобра, се наведува во објавата.

Како што изјави за МИА,  Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден" и главен и одговорен уредник на истоимениот весник, ваква средба се одржува првпат, и значи многу за сите.

Во Амбасадата бил поставен и штанд со примероци од печатени  весници на македонски јазик, како и албуми со народни носии и други изданија. вт/цр


Фото: Амбасада на РС Македонија

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан