• понеделник, 31 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Руска новинарка која е во затвор поради ширење „лажни вести“ доби уште 10 месеци затвор

Руска новинарка која е во затвор поради ширење „лажни вести“ доби уште 10 месеци затвор

Москва, 27 март 2025 (МИА) - Руската новинарка Марија Пономаренко, која одлежува казна затвор за ширење „лажни вести“ за војната во Украина, денеска доби дополнителна пресуда за напад на затворски службеници.

Според информациите на медиумот „РусЊуз“, за кој работи Пономаренко, новинарката се пожалила дека била претепана во затвор и дека и биле дадени инјекции со антипсихотични лекови. Таа доби нова казна од 10 месеци затвор, а судот нареди и нејзино задолжително психијатриско лекување.

РусЊуз додава дека Пономаренко негира дека нападнала затворски службеници.

Нејзините поддржувачи велат дека стравуваат дека таа ќе се обиде да се самоубие. Нивните стравови се поттикнати од писмата што таа им ги испратила на своите пријатели.

На почетокот на оваа недела, новинарката пред судот изјави дека била тепана, клоцана и туркана до ѕид во затворот. Таа рече дека за време на еден престој во психијатриска клиника и била вбризгана дрога халоперидол откако се пожалила на недостиг на санитарни производи.

„Никаде на друго место не сум видела толку насилство како во затворскиот систем. Најстрашните работи, се разбира, се случуваат во психијатриските клиники“, вели новинарката со сибирско потекло.

Пономаренко беше осудена на шест години затвор во 2023 година, бидејќи ги обвини руските воздухопловни сили за бомбардирање на театар во украинскиот пристанишен град Мариупол, каде што се криеле жени и деца. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан