• среда, 13 ноември 2024

Нова средба за платите во јавниот сектор, синдикатите оптимисти дека ќе се најде решение

Нова средба за платите во јавниот сектор, синдикатите оптимисти дека ќе се најде решение

Скопје, 10 јули 2023 (МИА) - Синдикалните претставници кои пристигнаа во Министерството за финансии на средба со владиниот тим, не знаат дали денеска ќе се постигне некакво решение околу зголемувањето на платите и методологијата.

Како што изјавија пред состанокот, тие повторно ќе ги пренесат ставот и барањата во делот и на моделот и на покачувањето на платите. Не знаат колку ќе траат разговорите, но очекуваат, рекоа, позитивен исход.

-Денеска повторно во 14:30 сме тука пред Министерството. Повторно имаме состанок. Во Министерството за финансии продолжуваат преговорите. Продолжуваат околу делот на општиот колективен договор, во делот на делот на начинот како ќе се пресметуваат платите, во делот на тоа колку треба да пораснат платите. Синдикатите се тука сите заедно обединети како никогаш досега и мислиме дека овие преговори што се водат веќе подолг период ќе бидат со позитивен скор и дека сите ние како работници и како синдикати ќе бидеме задоволни од она што можеме да го добиеме. Она што го договараме како синдикати е, да направиме модел врз основа на што ќе расте платата, а имаме три параметри: инфлација, просечна плата и трошоци за живот и минимална плата. Во кој дел и како ќе се договориме, кој ќе биде моделот за покачување на платите, моделот во иднина како ќе се пресметуваат платите, тој ќе биде и процентот, изјави претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати, Благоја Ралповски.

Според него, преговорите траат долго време.

-Дали нешто ќе се договори денеска не знаеме. Доаѓаме повторно со она што го имавме преку гранските синдикати, преку сите органи на синдикати, да го пренесеме ставот и нашите барања. За функционерите дали ќе се откажат тоа треба да ги прашате нив и тоа не е наш проблем, дополни Ралповски.

На новинарско прашање, што ако не се постигне договор, тој одговори дека синдикатите ќе бидат упорни и истрајни во своите барања.

-Не знаеме колку време ќе течат разговорите. Преговори се преговори, кога ќе завршат тогаш. Ние сме тука, имаме време, упорни сме, обединети, така што колку време ќе бидат преговорите не можам да кажам. Тоа што сме го добиле како пас од органите на синдикатите тоа ќе биде пренесено денеска пред министрите, истакна Ралповски. мч/лв/

фото: МИА

 

Остани поврзан