• четврток, 26 декември 2024

НБ со надолни корекции на БДП, власта проектира раст од 2,9 отсто и инфлација од 7,1 процент

НБ со надолни корекции на БДП, власта проектира раст од 2,9 отсто и инфлација од 7,1 процент
Скопје, 24 ноември 2022 (МИА) - Народната банка ги ревидираше надолу пролетните проекции. Предвидува помал економски раст, кој според основното сценарио, би бил 2,3 проценти, а идната година 2,6 проценти, додека, според второто сценарио растот годинава би достигнал околу два процента, а следната до 1,8 проценти. Истовремено, вчера започна и расправата за Предлог-буџетот за 2023 година со кој власта најавува одржување на економскиот раст на ниво од 2,9 проценти. Есенските проекции на централната банка покажуваат дека до крајот на годината инфлацијата ќе достигне ниво од 14,3 проценти, а следната година се очекува постепено забавување на ниво од 8 до 9 проценти. На среден рок, инфлацијата ќе се намалува сведувајќи се на 2,4 проценти во 2024 година и на 2 проценти во 2025 година. Централната банка не очекува квартален пад на економијата. Приближно, во овие рамки се движи и инфлацијата што ја предвидува власта со Предлог-буџетот каде е на ниво од 7,1 процент. Од Народната банка нагласуваат дека ризиците околу растот остануваат надолни и во голема мера ќе зависат од движењата во европската економија. – Ризиците за проекциите се оценуваат како изразено надолни и се поврзани со надворешното опкружување особено со текот на војната во Украина и импликациите на глобалните пазари врз примарните производи и врз растот на европската економија. Овој неизвесен глобален контекст уште повеќе ја потенцира потребата за водење на прудентни домашни политики, нагласи гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на вчерашната прес-конференција. Разликата во инфлацијата кај нас со онаа во земјите од Европската унија, според Ангеловска-Бежоска, се должи на неколку фактори како што се поголемата увозна зависност на нашата економија, особено на енергенсите, како и поголемиот удел на храната и енергијата во потрошувачката кошничка. – Нашата увозна зависност и степенот на трговска отвореност на нашата економија е значајно поголем во споредба со Европската унија. Кај нас трговската отвореност е 140 проценти од БДП, а во ЕУ 70 проценти. Вториот важен фактор е голема увозна зависност во енергетскиот сектор, а нашата економија во споредба со европската е поенергетски интензивна. Третиот значаен фактор е потрошувачката кошничка, односно кај нас на храна и енергија отпаѓа околу 50 проценти, а во ЕУ околу 30 проценти. Оттука јасно е дека ист глобален шок ги погодува сите економии, но интензитетот со кој ги погодува, зависи од голем број домашни фактори, посочи Ангеловска-Бежоска. Раководството на централната банка уверува и дека денарот ќе остане стабилен за што показател е високото ниво на девизните резерви кои тековно се на ниво од 3,7 милијарди, а очекувањата се дека тие ќе продолжат да растат. Од друга страна, вчера во Собранието почна расправата за Предлог-буџетот за следната година со кој власта уверува дека се обезбедени пари за справување со последиците од енергетската криза и зголемената инфлација и редовно ќе се подмируваат сите обврски на државата, а ќе се поддржат реформите и евроинтегративните процеси на земјата. Во Предлог-буџетот, кој е изготвен согласно новиот Закон за буџети, вкупните приходи се планирани на ниво од 282 милијарди денари и се повисоки за 14,8 проценти во однос на 2022 година, а расходите на ниво од 324,8 милијарди денари или се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година. Буџетскиот дефицит е на ниво од 4,6 проценти од планираниот БДП. Министерот за финансии Фатмир Бесими уверува дека и јавниот долг до крајот на годината нема да достигне 60 отсто од БДП. - Прелиминарните проекции се дека јавниот долг до крајот на годинава ќе биде 58,5 отсто, истакна Бесими на вчерашната дебата за Предлог-буџетот. За опозицијата, Предлог-буџетот е историски највисок, нереален и инфлаторски. -Имаме историски највисока инфлација, највисок јавен долг, енормни цени на основните прехранбени производи, троцифрена цена на горивата, струја која поскапува секои шест месеци, најмали плати во регионот, најмал економски раст, сиромаштија, бесперпективност и очај. Ние сме држава чии домаќинства може да си дозволат само еден оброк дневно и сме на второто место според индексот на мизерија во Европа. Власта вели дека се откажала од непродуктивните трошења, но вистината е дека во земјава се случува економска катастрофа. За трошењето, Владата си одобрила расходи од 5,3 милијарди евра што го прави буџетот убедливо најрепресивен, најобемен и најрасипнички во историјата на државата, рече Бојан Стојановски, претседател на собраниската Комисија за финансирање и буџет, која вчера прв ден расправаше за Предлог буџетот. Собраниската дебата за Предлог-буџетот за 2023 година трае 10 дена, а целата постапка за носење на буџетот се очекува да заврши до средината на декември. бак/лв/            

Остани поврзан