• среда, 27 ноември 2024

На подрачјето на СВР Струмица лани имало најмалку жртви во сообраќајот во последните 15 години

На подрачјето на СВР Струмица лани имало најмалку жртви во сообраќајот во последните 15 години
Струмица, 8 април 2022 (МИА) - МВР, а со тоа и СВР Струмица, безбедноста на учесниците во сообраќајот ја третира како приоритетен сегмент во работењето и како резултат на ваквото работење и преземањето на активностите 2021 година беше прогласена за година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години, а ова беше случај и на подрачје на СВР Струмица, изјави денеска на прес-конференција портпаролката на овој сектор на МВР, Александра Трајанова. -Во 2021 година е забележано намалување на бројот на жртви во сообраќајот за 50 отсто во споредба со претходната година, односно за разлика од 2020 година кога на подрачје на овој сектор имало 16 жртви при случени сообраќајни незгоди, во 2021 година овој број изнесуваше осум, што претставува двојно намалување. Посебно би го нагласила фактот дека во 2021 година на подрачјето на Одделението за внатрешни работи Радовиш нема ниту една жртва при случени сообраќајни незгоди, истакна Трајанова. Додаде дека позитивниот тренд во врска со бројот на жртви во сообраќајни незгоди се задржува и оваа година, односно во првото тромесечје од 2022 година на подрачјето на секторот има три жртви, исто како и 2021 година, а во месец март 2022 година нема ниту една жртва при случена несреќа, за разлика од март минатата година кога имало две жртви. Трајанова упати благодарност до граѓаните и сите учесници во сообраќајот кои со своето однесување даваат придонес за поголема безбедност, која е во интерес на сите. Подвлече дека Министерството секојдневно го подига нивото на сообраќајната култура како преку превентивните, така и преку репресивните мерки, а во текот на вчерашниот ден на подрачјето на Секторот се санкционирани 88 учесници во сообраќајот, кои сториле 91 прекршок. рт/вј/

Остани поврзан