• сабота, 28 декември 2024

Се разговара и се разгледуваат сите финансиски можности во буџетот на Фондот, вели Мицкоски за можноте зголемување на капитацискиот бод

Се разговара и се разгледуваат сите финансиски можности во буџетот на Фондот, вели Мицкоски за можноте зголемување на капитацискиот бод

Скопје, 27 ноември 2024 (МИА) – Се разговара и се разгледуваат сите финансиски можности во буџетот на Фондот за здравствено осигурување и на Министерството за здравство, вели премиерот Христијан Мицкоски, прашан дали е можно зголемување на капитациониот бод на матичните лекари.

Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на КОСТАЛ Македонија, рече дека очекува „во пријателска атмосфера и за ова да се изнајде решение“.

- Да, се разговара. Се разгледуваат сите можности, се разгледуваат можностите финансиски во буџетот на Фондот, во буџетот на Министерството за здравство. Како и за многу други работи за коишто најдовме решение, убеден сум дека и за ова ќе најдеме многу скоро денеска решение. Чекор по чекор, за помалку од пет месеци решивме работи коишто се децениски, па така и ова. Мислам дека во една пријатна пријателска атмосфера и за ова ќе се изнајде решение. Но, да бидеме трпеливи и да напредуваме полека кон конечно решение, изјави Мицкоски.

Претседателката на Здружението на приватни лекари, доктор Лилија Чолакова Дервишова вчера рече дека барањето е бодот да биде 100 денари.

- Ние дадовме аргументи со што ги споредивме колку биле, на пример, просечните плати во 2021, во 2001, хронолошки и колку се сега и колку се сите трошоци. Елабориравме кои се фиксни, а кои се трошоци зголемени во однос на инфлации, сѐ што се случува, колку пати се зголемувало во јавно здравство, колку кај нас, така да, сега барањето беше 100 денари да биде бод. Нашето барање е од јануари, се надеваме оваа влада ќе излезе пресрет на сето ова, рече таа.

Чолакова Дервишова нагласи дека тие бараат сигурност, да не си заминуваат медицински сестри во јавното здравство.

- Бараме сигурност, да можеме и ние на нашите вработени да им дадеме квалитетни плати, да може да исплаќаме К-15, да ги задржиме и да нема прелевање кадар од кај нас во јавното здравство. Бидејќи ако постојано се покачува во јавно здравство, тогаш нашите медицински сестри ќе се прелеат, а не е суштината да го дестабилизираме примарното здравство, што е основниот чувар на здравствениот денар за сите нас, заклучи таа. аа/лв/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан